Се проценува дека имало 20 милиони случаи на рак и 9,7 милиони смртни случаи од рак во 2022 година, соопшти агенцијата за истражување на ракот на Светската здравствена организација, а растечкиот товар маскира „значителни разлики“ меѓу богатите и сиромашните земји.
Приближно секој петти човек ќе заболи од рак во текот на својот живот, а секој деветти маж и една од петнаесет жени ќе починат од оваа болест, се вели во соопштението на Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРЦ).
Но ризикот од рак варира во зависност од тоа каде живее пациентот, вели ИАРЦ во својот полугодишен извештај заснован на податоци од 185 земји и 36 вида рак. На пример, во најразвиените земји секоја дванаесетта жена заболува од рак на дојка во текот на животот, но само една од 71 жена умира од него.
Во земјите што се пониско на индексот на човековиот развој, една од 27 жени заболува од рак на дојка, делумно поради тоа што населението има тенденција да биде помладо, но исто така и како резултат на помала изложеност на фактори на ризик, како што е прекумерната тежина, но една од 48 жени умира од него.
– Жените во овие земји се со помала веројатност да бидат дијагностицирани… и со многу поголем ризик да починат од оваа болест поради доцна дијагноза и несоодветен пристап до квалитетен третман – рече Изабел Соерјоматарам, заменик-шефица на гранката за надзор на рак на ИАРЦ.
ИАРЦ, исто така, рече дека различните видови рак сега сѐ повеќе влијаат на населението, бидејќи начинот на живот се менува. На пример, ракот на дебелото црево сега е трет најчест рак и втора водечка причина за смрт. Колоректалниот карцином е особено поврзан со возраста, со факторите на начинот на живот, како што е дебелината, со пушењето и употребата на алкохол.
Меѓутоа, ракот на белите дробови, исто така, повторно се појави како најчест рак и водечка причина за смрт, со 2,5 милиони нови случаи и 1,8 милион смртни случаи годишно. Од ИАРЦ велат дека ова, најверојатно, е поврзано со постојаната употреба на тутун во Азија.
– Иако ограничувањата поврзани со пандемијата на ковид влијаеја на дијагнозата и третманот на ракот, досегашните податоци, главно само од земјите со високи приходи, покажуваат минимално влијание врз преживувањето – додаде агенцијата на прес-конференцијата.
Според ИАРЦ, до 2050 година, бројот на случаи најверојатно ќе се зголеми за 77 проценти, на 35 милиони, како што населението расте и старее. Но ефектот ќе биде нерамномерен: во посиромашните земји случаите ќе се зголемат за 142 отсто, а стапката на смртност ќе се удвои.