Гастрономски и нутритивен хит кој го замени прокељот како нова суперхрана е зелката. Прелистувајќи ги кулинарските канали на социјалните мрежи, ќе наидете на безброј видеа од готвачи од целиот свет кои ја фалат зелката како исклучително разновиден зеленчук.
Зелката е многу богата со хранливи материи. Содржи растителни влакна, половина од дневната потреба за витамин К, третина од потребата за витамин Ц и десет отсто од дневната потреба за фолати. Овој лиснат зеленчук содржи и траги од манган, витамин Б6, калциум, калиум, витамин А, железо и рибофлавин.
Зелката припаѓа на семејството зелки заедно со брокулата, карфиолот и кељот. Сите тие содржат соединенија кои се борат против ракот и имаат моќ да го контролираат воспалението, а го намалуваат и ризикот од проблеми со срцето.
Притоа, за разлика од некои други намирници кои имаат репутација на суперхрана, како што се авокадото или боровинките, зелката е исклучително поволна. Килограм млада зелка во маркетите е 20 до 30 денари, а нејзината цена на пазарите е и поевтина од тоа.
Според „ChefIQ“, „зелката понекогаш може да има лоша репутација“, главно затоа што кога ќе се превари може да испушта непријатен мирис на сулфур.
„Сепак, кога правилно се подготвува, овој зеленчук може да додаде богатство во вашите јадења“, забележуваат тие.
Освен што го намалува воспалението, зелката содржи и антоцијани кои се здрави за срцето, а припаѓаат на семејството на флавоноиди. Студија од 2013 година објавена во списанието „Circulation“ која опфатила 93.600 жени покажа дека оние со поголем внес на храна богата со антоцијани имаат помал ризик од срцев удар. Исто така, влакната помагаат во намалување на лошиот холестерол.
Сепак, исто така треба да се напомене дека консумирањето големи количини на зеленчук од семејството зелки може да предизвика надуеност поради високата содржина на влакна.