Кога имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно овој рецепт е полн погодок за еден супер вкусен оброк – зимска топла салата, со прелив од калинка.

Состојки:
– 2 слатки компири
– 2 цвекла
– рукола или „бејби спанаќ“ или друг лиснат зеленчук
– масло за готвење
– зачини по желба (јас користев сол и бибер)
– зрна од половина калинка
– еден грст сончоглед, сиров

За наут:
– 1 конзерва наут
– 2 лажици масло за готвење
– 1 лажичка сол
– 1/2 лажичка црвена пиперка
– малку црн бибер
– 1 лажичка кимион

За прелив:
– сок од половина калинка
– сок од 1 лимон
– 5 лажици маслиново масло
– сол и бибер

Подготовка:
Се загрева рерната на 200 степени. Слаткиот компир и цвеклото убаво се мијат и потоа се лупат. Се сечкаат на мали, еднакви коцки.

На голема тава за печење, обложена со хартија за печење, се додаваат сечканото цвекло и слаткиот компир. Се додава масло за готвење и зачини. Се масираат со рака за да бидат прелиени еднакво сите парчиња. Распоредете ги на тавата, така што не се преклопуваат едно со друго и побрзо и покрцкаво да се испечат.

Се печат 15 минути.

Во меѓувреме, наутот од конзерва се премива со ладна вода, се цеди и се пребришува во чиста крпа за да впие колку може повеќе вода. Се додава во мал сад. Се додаваат и зачините и маслото, па се промешува.

Се става наутот во тавата со зеленчукот. Се враќа на печење заедно со зеленчуците уште дополнителни 20 минути. Ако забележите дека зеленчукот брзо се пече во рерна, намалете ја температурата.

За преливот, додајте ги сите состојки во мала тегличка и убаво промешајте.

Јас го потпеков сончогледот на суво тавче, на ниска температура, сѐ додека не доби златникава боја. Ова е екстра чекор, но дефинитивно препорачан, затоа што дава многу убав шмек.

Време е за сервирање на салатата.

Во голем длабок сад се додава лиснатиот зеленчук, потоа печениот зеленчук и наутот, потоа зрнцата од калинка и печениот сончоглед, и на крај, се додава од преливот. Убаво промешајте и уживајте!