Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.

Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – чоколаден чискејк.

„Чискејк ми е еден од омилените десерти и обично го правам со некое овошје, но овој чоколаден чискејк беше превкусна промена од класичниот чискејк. Крцкава „орео“ кора, чоколаден слој од крем сирење и чоколаден ганаж одозгора. Тројно чоколадно задоволство“, вели Дијана.

Состојки за кората:
– 36 орео колачи (на амбалажата пишува колку колачи има внатре)
– 115 грама путер (растопен)

За кремот:
– 340 грама чоколадо
– 680 грама крем сирење
– 150 грама шеќер
– 50 грама кафеав шеќер
– 15 грама какао (100 отсто)
– 4 јајца
– 2 жолчки
– 240 милилитри слатка павлака (хопла)
– 2 лажички ванила екстракт

За ганаш:
– 300 грама чоколадо
– 200 милилитри слатка павлака

Фото: Приватна архива
Подготовка:
Обложете тавче со димензии 23×33 см со фолија. Фолијата да биде подолга од тавата за полесно да може да го извадите чискејкот.

Загрејте ја рерната на 175 степени Целзиусови.

Сомелете ги ореото во процесор за храна. Додајте го стопениот путер и смесата натапкајте ја на дното на тавчето. Печете околу 10 минути. Извадете ја кората од рерна и намалете ја температурата на 165 степени.
Во огноотпорен сад ставете ја чоколадата. Садот ставете го над тенџерче со вода што врие. Растопете ја чоколадата и оставете ја малку да се излади.

Во длабок сад изматете го крем-сирењето со шеќерот додека да се спои убаво и да добиете кремаста смеса. Додајте ги јајцата, жолчките, слатката павлака, какаото и ванилата и изматете убаво со миксер. На крај, додајте го чоколадото и измешајте со шпатула додека се спојат убаво.

Истурете ја смесата врз кората и печете околу 35 минути. Кога ќе го извадите чискејкот од рерна, веднаш полека поминете со нож по краевите, да го одвоите од фолијата. Со тоа ќе се избегне пукање на површината на чискејкот додека се лади.

Оставете го целосно да се излади па префрлете го во фрижидер да отстои минимум 4 часа.
За ганажот загрејте ја слатката павлака до пред вриење. Истурете ја врз чоколадата и оставете ја да отстои 5 минута. Мешајте додека добиете мазен ганаш.

Прелијте го чискејкот со ганажот и вратете го во фрижидер уште еден час.
Може еден дел од ганажот да оставите настрана.
Исечете на квадрати и уживајте.