Доколку сте љубители на кремасти салати и сакате на вашата посна трпеза да сервирате руска салата, мимоза и други слични на нив, слободно можете да ги направите. Отсега можете да ги правите омилените салати во посна варијанта и да уживате во нивниот вкус дури и ако постите. Ви предлагаме да пробате некои од овие рецепти за овогодинешната прослава и сигурни сме дека ќе бидете одушевени.

Посна руска салата
Состојки:
– 2 конзерви сардина
– посен мајонез
– 4 помали моркови
– 4 кисели краставици
– 1 поголем компир
– 300 г грашок
– сол, црн пипер

Подготовка:
Компирот, морковите и грашокот сварете ги и исечкајте ги на коцки, а потоа ситно исечкани додадете ги и киселите краставици и сардините. Посолете и ставете црн пипер по желба, а потоа додадете го и посниот мајонез откако салатата добро ќе се излади. Салатата, по желба, можете да ја правите и без сардина.

Посна сенф салата со компири
Состојки:
– 3 моркови
– 4 компири со средна големина
– 10 кисели краставици
– 1 полна лажица сенф
– 2 лажици масло
– 1 лажица оцет
– малку шеќер
– сол, црн пипер

Подготовка:
Сварете ги морковите и компирите во солена вода, потоа исцедете ги и исечкајте ги на ситни коцки. Краставиците, исто така, исечкајте ги и додадете ги во компирите и морковите. Претходно добро измешајте ги оцетот, шеќерот, маслото и сенфот и додадете ги откако варените компири и моркови добро ќе се изладат.

Посна салата мимоза
Доколку постите или подготвувате посна слава, а една од омилените ви е салатата мимоза, не грижете се. Салатата мимоза може да се подготви и како посна и да биде неизоставна на вашата трпеза, на денот на вашата слава или во текот на постот.

Состојки:
– 2 големи варени компири
– 300 г посен мајонез
– 3 варени моркови
– 1 прстофат сечкан праз
– 300 г зелка
– 1 чешне лук
– оцет
– сол, бибер
– масло

Подготовка:
Подгответе три садови, бидејќи мора да направите три дела од салатата. Во првиот сад исечете ги компирите на коцки, празот на мали кругови и сето заедно измешајте го и зачинете со оцет, масло, сол и бибер. Потоа земете уште еден сад во кој ќе го исечкате и изгмечите лукот, исечете го морковот на кругови и сето тоа зачинете со сол и масло. За третиот сад подгответе свежа зелка како салата и задолжително додајте сол и оцет. На самиот крај земете голем сад и наредете ги компирите, додадете 100 грама посен мајонез, па морковите, потоа повторно 100 грама мајонез, зелката и на крајот уште 100 грама мајонез.