Починатите бебиња биле извадени од утробата со провокација заради одредени аномалии или заради лошата здравствена состојба и опасност по животот на мајката, а најголем дел од нив биле со инфекции кои ги имале родилките.
Бебињата кои се раѓаат предвреме заради инфекција кај мајката брзо добиваат сепса, тие се со неразвиени органи, неотпорни и најчесто завршуваат со смрт. Станува збор за трудници од целата држава и од приватните и од државните болници кои во таква деликатна ситуација се праќаат на Гинекологија.
Од Клиниката за гинекологија најавија дека ќе бараат од Здружението на гинеколози и од Министерството за здравство во иднина при водењето на евиденција смртноста да се заведува од 25 гестациска недела бидејќи помалите тешко преживуваат.
„ Ќе го побараме ова од надлежните фактори бидејќи на овие простори како и во соседните земји процентот на преживување кај бебиња помали од 25 гестациска е екстремно мал. Тие се со неразвиени органи, може да имаат одредени аномалии, оштетен слух, вид“.
Јовановска сепак признава дека немаат услови бебињата кои се со инфекции да ги чуваат на 9 метри квадратни оддалеченост, како што налагаат светските стандарди, но потенцира дека немаат интерхоспитални инфекции. На Гинекологија доаѓаат најкомплицирани случаи.
На Клиниката за гинекологија голем проблем е малиот број на неонатолози кои се преморени од работа и од честите дежурства, велат од таму. Гинекологија наскоро ќе остане без уште еден лекар педијатар бидејќи една лекарка веќе најавила дека ќе си оди во приватна болница.
Пред неколку дена излезе информација дека 35 новороденчиња починале во првите три месеци од оваа година, што е сепак висок процент. Немаше детална анализа за состојбата од ниту еден одговорен од ГАК.