Во службата за итна медицинска помош во Велес, зголемен е бројот на пациенти кои се жалат на проблеми од воздухот во кој има високи вредности и на ПМ10 честички, сулфур диоксид и јаглерод оксид. Во текот на ноември, во Велес мерните инструменти на Министерството за животна средина покажале 6 дена вредности над максимално дозволените, а во првите 10 дена од декември четири дена. Тоа влијае на здравјето на велешани.

„Имаме зголемен број на пациенти асматичари, кои се жалат на сувиот и загаден воздух, кој делува на нивното здравје, до влошување, ги иритира веќе претходно иритираните дишни патишта, се жалат на отежнато дишење, глад за воздух, надразнителна кашлица“, вели д-р Елена Коцевска од Службата за итна медицинска помош при Здравствениот дом во Велес.

Ниските температури го зголемија бројот на интервенции на Служба за итна медицинска помош. Вообичаено е преку викенди и празници, кога не дежураат матичните доктори, зголемен обем на работа. Во ноември имало 1.203 прегледи во амбуланта, на терен 478 домашни посети од кои 49 во руралните средини. Во првите шест дена од декември имало 267 прегледи од кои 176 биле за викенд, домашни посети 92, а 34 биле во селата.

„Бележиме зголемен обем на работа, има настинки, горно респираторни инфекции, пациентите се жалат на покачена температура, малаксаност, болки во грлото, кашлица, болка во коските, има случаи на дехидрирани пациенти од повраќања. Кај пациентите со ревматоидни заболувања ова студено и влажно време доведува до зголемување на болките во коските, во грбот“, д-р Коцевска и препорачува хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија. сдк.мк