Министерот за здравство Арбен Таравари е зачуден што опозициската коалиција „Европски фронт“ сега реагира на пописот и на правилото населението да се подели на резидентно и нерезидентно оти токму владата во чиј состав беа тие ги направи измените. Ставот на министерот Таравари доаѓа по забелешките од „Европскиот фронт“ дека доколку не се брои нерезидентно население, ќе се намали бројот на советниците во општините.

„Треба сами себе да се критикуваат. Да беше закон што го носиме сега, во ред, но се работи за закон што е донесен пред четири или пет години. Јас не знам, да се критикува сега, тоа е лудница“, рече министерот Таравари денес пред почетокот на панел-дискусијата за квалитетот на воздухот.

Пред две недели со иницијатива до Уставниот суд, пратеникот на коалицијата „Европски фронт“ и претседател на движењето „Попули“, скендер Реџепи побара укинување на поделбата на резидентно и нерезидентно население направена со пописот од 2021 година. Тој смета дека поделбата, чии последици се чувствуваат сега, е незаконска и неуставна оти ниту во Уставот ниту во Законот за пописот не е предвидена поделба на граѓаните на резиденти и нерезиденти.