Некои луѓе чувствуваат студ без очигледна причина, што може да биде непријатна секојдневна појава. Иако е нормално да нѝ е ладно кога температурите се ниски, меѓутоа постојаното чувство на студ може да биде знак за постоење на здравствен проблем.

Еден од проблемите кои можат да предизвикаат чувство на студ се компликациите поврзани со високо ниво на шеќер во крвта, како што е периферната невропатија.

Оваа болест ги оштетува нервите на рацете и нозете, што може да доведе до вкочанетост и болка, а честопати и студенило.

Бидејќи нервите кои ги пренесуваат температурните сензации може да се оштетат, како резултат на тоа стапалата и рацете можат постојано да бидат ладни, иако надворешната температура не е ниска.

Дехидратација

Недостатокот на течност во телото може да предизвика и чувство на студенило.

Водата помага да се регулира температурата на телото, бидејќи сочинува повеќе од две третини од нашата телесна маса.

Кога сте добро хидрирани, водата ја задржува топлината и полека ја ослободува, одржувајќи ве во удобна температурна зона.

Доколку сте дехидрирани, вашето тело станува почувствително на температурни промени, што може да предизвика чувство на студ.

Хипотироидизам

Една од најчестите причини за постојано студенило е хипотироидизмот, состојбата кај која тироидната жлезда произведува премалку тироидни хормони. Овие хормони играат клучна улога во регулирањето на метаболизмот, а кога нивното ниво е ниско, метаболизмот се забавува.

Тоа значи дека телото произведува помалку топлина, што може да предизвика чувство на студ, дури и кога околината е топла.

Анемија поради недостиг на железо

Анемијата предизвикана од недостиг на железо е една од најчестите причини за чувство на студ, бидејќи железото е неопходно за транспорт на кислород низ крвотокот.

Кога имате ниски нивоа на железо, црвените крвни зрнца не можат правилно да ја извршуваат својата функција, што може да доведе до намалување на производството на топлина во телото.

Покрај тоа, ниското ниво на железо може негативно да влијае врз функцијата на тироидната жлезда, што дополнително може да го влоши чувството на студ.

Иако студенилото може да биде безопасно, во некои случаи може да биде знак за посериозни здравствени проблеми кои бараат внимание. Доколку постојано чувствувате студ, важно е да се консултирате со лекар кој може да ја утврди причината и да препорача соодветен третман.