Во наредните денови ќе продолжиме со отстранување на сите нелегално изградени летни тераси на кафулињата кои узурпираат јавен простор, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Општина Центар во средата почна со акција за уривање на дивите, цврсти градби на кафулиња. Во акцијата беа урнати две тераси на улицата Аминта трети (Ленинова), кои се цврста градба и зафаќаа јавна површина. И покрај притисоците од сопствениците градоначалникот Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека ќе продолжат со акцијата, бидејќи јавниот интерес на граѓаните се слободни и проодни тротоари.
- Во Општината само во последниве неколку месеци има стигнато над 100 жалби од граѓани за узурпирање на јавен простор. Сите угостители кои имаат отстапки од Правилникот за поставување урбана опрема за летни тераси на јавни површини се известени уште пред 6 месеци сами да ги отстранат во спротивно тоа ќе го сториме ние. Притисоците нема да влијаат во нашите заложби за воведување ред со летните тераси. Акцијата ќе продолжи и во наредните денови, вели Богдановиќ.
ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОЧНА АКЦИЈА СО УРИВАЊЕ ДИВИ КАФЕАНСКИ ТЕРАСИ ВО ДЕБАР МААЛО
Според измените во Правилникот за летни тераси, на јавните површини на кои се поставуваат маси и столици треба да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.
Угостителите во рамките на дозволената тераса да можат да постават и монтажна платформа со висина од 15 сантиметри, а настрешниците да бидат прицврстени со две греди кои треба исто така да се наоѓаат во рамките на обележаната површина за тераси.