Министерот за образование тврди дека биле неточни фактите кои до сега сме ги учеле од учебниците по историја и географија. Токму за тоа, се кроел нов Закон со кој ќе се смени дел од содржината. Работните групи ги анализирале грешките и истите ќе биле дополнети и корегирани, а сите неточни факти избришани.
Од ресорното министерство потврдија и дека биле формирани рецензентски комисии за измена на 30% од содржината на повеќе учебници.
- Во врска со учебниците кои се применуваат во основното и средното образование, донесени се решенија за одобрување на нови учебници по странски јазици (германски, француски и англиски јазик) за 4-та година средно образование, велат од министерството за образование и наука.
Паралелно со ова, грчките медиуми веќе пишуваат дека „Атина и Скопје ги менуваат учебниците по историја“. Тие го цитираат членот според кој во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на договорот од Преспа, двете страни се согласуваат да ги преиспитаат текстовите со историски настани. Според грчките медиуми, ревизијата на учебниците која треба да ја спроведе заедничка комисија, ќе има обврска да ги провери и географските карти и историските атласи.
Дополнително, согласно договорот за добрососедство, Македонија има обврска за проверка на историјата и со Бугарија. Првата средба на заедничката комисија се одржа минатата недела. На следната би требало да се изготват и првите заклучоци по што би почнал процесот на прочистување на учебниците.