Ќе се откажат ли дел од пејачите од настап на срамната прослава в сабота, благодарение на твитерџиите? Дел од изведувачите кои утре треба да настапат на прославата што ја организира Владата за поканата за членство во НАТО, реагираат дека не биле информирани за каков настап станува збор.
Велат, им било кажано дека ќе настапат на културна манифестација за што потпишале и договор.
- Ни кажаа дека е културен настан на кој ќе настапуваат повеќе артисти низ повеќе градови, без присуство на политички странки, говори, пропаганден материјал и слично. Станува збор за големо недоразбирање. Излезе дека повеќе артисти не знаеле за каков тип на настан станува збор, меѓутоа, некои од нас веќе имаат потпишано договор за настап за кој немаше подетални информации. Не се криеме и не бегаме од тоа дека настап на ваков настан не ни е во прилог и е против нашата идеологија, но се надеваме ќе разберете во која ситуација се најдовме без да сакаме и самите ние, велат од бендот „Conquering Lion“.
Член на рап бендот С.А.Ф. Митко Гаштаровски-Пикисипи вели дека е против промена на името во Северна Македонија и на „Фејсбук“ напиша дека ќе настапи на прославата затоа што тоа било единствен начин да се сочува ова парче земја кое се вика Македонија.
- Ќе настапам како дел од формацијата С.А.Ф. затоа што тоа е единствен начин (според мене) да се сочува ова парче земја кое се вика Македонија без понатамошно делење итн. Покана за НАТО? Не под услов! Песните наши ги знаете, не се баш за славење. Единствена песна која е за прослава ‘Раце горе’ нема да ја изведуваме, бидејќи денеска или на 14 јули не се чувствувам дека треба да славам. Нека биде последен концерт засекогаш! Сите овие години откако творам како што знам, никому не сум украл ништо, мирно спијам. Никогаш не сум настапувал за некаква политичка опција. Изненаден од фактот дека сме добиле покана за НАТО и од желба да се видам со другарите реков – во ред, ако сакаат другите ќе дојдам и јас, но без политички амблеми. Истата оваа Влада (партијата) ни го цензурираше концертот од 1998 година кога беше напишан албумот. Сега нè кани на заедничка прослава, иако на плакатот нема партиски обележја, напиша Гаштаровски-Пикисипи.
На „Фејсбук“ се огласи и Златко Ориѓански кој иронично вели дека за неговиот настап утре Владата ќе му плати 50 милиони долари и плац на Водно.
- Ме прашуваат за колку пари сум се нафатил да свирам на прославата, па еве јавно да одговорам. Нешто малку повеќе од оние кои ги земаа како провизија за автопатот и хонорарот за Ацо на плоштад, значи, побарав и ќе ми дадат 50 милиони долари и плац на Водно. Дали е во ред?, напиша Ориѓански.
Граѓаните од повеќето градови велат дека треба да се почека и да славиме кога ќе дојде редот, и дека треба да се почека некој период.
Инаку, Власта викендов ќе ја слави Бриселската покана за промена на името за да добиеме членство во НАТО. Во дури 15 градови низ државата веќе утре ќе се организираат големи, гала граѓански прослави и концерти.
Владата барем за сега, не знае колку пари ќе бидат потрошени за прославата и колку пари ќе им даде на 40-те изведувачи. Неофицијално, некои од договорите со изведувачите биле потпишани уште пред еден месец, но од Владата тврдат дека конечната сума сè уште не ја знаат.