Дијабетес мелитус или шеќерна болест е заболување на метаболизмот од метаболен карактер каде нивото на гликозата во крвта е со вредности над нормално одредените прифатени вредности. Етиологијата на неговото настанување е различна и според тоа се дели главно на два типа – дијабетес мелитус тип 1 и дијабетес мелитус тип 2.

Дијабетес тип 2 го зема приматот
Постојат и други типови на дијабетес – гестациски и инсипиден, но преваленцата и рапидното зголемување во последниве децении и консеквенциите што тие ги оставаат на човековото здравје, ги ставаат дијабетесот тип 2, пред се, но и дијабетесот тип 1 пред останатите.

Дијабетесот тип 1 – јувенилен, инсулинозависен се јавува од најраното детство или во адолесцентниот период од животот. Етиологијата е во недостатокот на продукција на инсулин кој се создава во панкреасот.

Дијабетесот тип 2 го зазема приматот во однос на другите типови дијабетес. Нивото на инсулин во овај тип дијабетес може да биде и нормален, а во некои случаи дури и во поголеми количини од кај здравите луѓе, но не може да ја врши својата функција – внес на гликозата во клетката. Најчесто тоа се поврзува со најчесто т.н. резистенција на инсулин, особено кај дебелите луѓе. Неконтролираниот дијабетес неизбежно доведува до компликации, пред се, микро и макроваскуларни, а следствено на тоа и до оштетување на многу органи и тоа срцето, бубрезите, мозокот, невропатија…

Исхраната е од исклучителна важност
При лекувањето на дијабетесот, во зависност од типот, покрај инсулинот или таблетарната терапија, исхраната зазема многу важно место. Неизбежна е едукација во врска со исхраната за самогрижа и самоконтрола при внес на истата во однос на количината, квалитетот, начинот на приготвување и бројот на оброците секојдневно. За секој заболен покрај општите препораки за начинот на исхрана, треба да се води сметка за неговите антропометриски параметри и тоа пол, возраст и физичка активност.

Исхраната на болните од дијабетес претставува програма за исхрана која треба да ги спречи скоковите на гликемијата во крвта и намалувањето на константо високото ниво во гликемијата.

Тоа се постигнува со разновидна, пред сè, свежа храна – свеж зеленчук, овошје, потоа со избалансираност во однос на внес на протеини до 20 отсто, масти 25–30 отсто и шеќери 50-55 отсто од дневниот внес на макронутриенти.

Неопходно е бројот на оброци да биде помеѓу 5-6 и тоа три главни оброци и два до три меѓуоброци (во зависност од висината на гликемијата и типот на дијабетесот). Треба да се внимава на хранливите производи кои доведуваат до брзо кревање на гликозата во крвта т.н. храна со висок гликемиски индекс.
Главно дијабетичарите треба повеќе да користат храна со низок гликемиски индекс, храна која побавно го крева нивото на гликозата во крвта. Овој вид на храна може да се користи во комбинација со храна со висок гликемиски индекс.

– Примери на храна со висок гликемиски индекс се: бел ориз, бел шеќер, варен лупен компир, мед, сушено овошје, урма, бел леб, банана итн.
– Примери на храна со низок гликемиски индекс се: лиснат зеленчук, кромид, лук, пиперки, домати, мешункасти плодови (грав, леќа, грашок), јогурт итн.
Внесот на протеини треба да се задоволи со внес на производи кои во својот состав содржат доволно протеини, а тоа се месо, риба, јајца, ниско маслени млека и млечни производи, да се избегнуваат мрсни меса, процесирани месни производи и тоа паштети, конзерви и др.


Храната треба, пред се, да биде варена, приготвена на пареа или печена. Да се употребуваат ладни цедени масла и да не се употребуваат производи со трансмасти.

Дозволена е употреба на јаткасти плодови кои содржат омега-3 и омега-6 масни киселини, но во строго одредени и умерени количини.

Интегралните житарки, односно производите од нив, треба да се составен дел од исхраната на дијабетичарите. За засладување најдобро е да се користи стевијата која е природен засладувач.