Фондот за здравствено осигурување на Македонија како резултат од разговорите и преговорите со Здружението на приватните гинеколози акушери на Македонија (ЗПГАМ), а во насока на повисоко вреднување на трудот на избраните гинеколози и зголемување на квалитетот на укажаните здравствени услуги на осигурените лица, на последната седница на Управниот одбор донесе одлука од 1 септември да ја зголеми вредноста на капитацискиот поен за избраните гинеколози од 50 на 55 денари за секоја осигуреничка што извршила избор.
Со цел унапредување на статусот на избраните гинеколози во примарната здравствена заштита и потребата од нивно поголемо ангажирање за намалување на смртноста на новороденчињата и родилките во Република Македонија, Фондот го дополни Правилникот за начинот на плаќање на здравствените услуги во примарната здравствена заштита, при што првпат се воведува вреднување на обезбедените здравствени услуги за бремени жени од избраниот гинеколог. Имено, основната капитација за гинеколозите што следат бремена жена ќе се пресметува со тоа што ќе се множи со 2 поена, односно гинеколозите што следат бремена жена ќе добиваат двојна вредност од капитацијата.
Ваквиот начин на пресметување на капитацијата за бремените жени ќе се применува за времетраење на бременоста, односно до завршување на породувањето, но не повеќе од 9 месеци.
Се дадоа многу ветувања, веќе граѓаните незнаат на што да веруваат н што не, поради тоа со доза на резерва се прими и оваа информација, граѓаните едноставно посочуваат дека ќе почекаат да видат дали тоа навистина ќе биде така од 1-ви септември. Кој на млеко ќе се изгори потоа и на матеница дува!