Хормоните кои се лачат од жлездите во нашето тело се клучни за еден организам да функционира правилно.
Доколку е нарушен балансот на хормоните, тогаш тоа може да предизвика низа здравствени проблеми кои се тешки за лечење. До зголемено или намалено лачење на хормони може да дојде поради многу причини, но една од најраспространетите е секако, стресот.
Целото тело, вклучувајќи ги и жлездите, се чувствителни на стресот и поради тоа, тој е една од најчестите причини за нарушено здравје.
За да дознаете повеќе за секој хормон подолу следи опис на секој од нив и каква улога има:
Адреналин
Ова е еден од стрес-хормоните, кој се лачи забрзано кога сте во опасна или непријатна ситуација со зголемено возбудување. Зголеменото лачење ќе го препознаете по забрзаната работа на срцето, зголеменото потење и ширењето на зениците. Негова улога е да го подготви нашето тело за опасни ситуации.
Кортизол
И ова е стрес-хормон кој се покачува при зголемени стрес и нервоза. Тој го снабдува телото со енергија кога ни е најпотребна, но при многу зголемени количини, може да ја наруши целосната работа на ендокринолошкиот систем.
Со тоа, предизвикува низа здравствени проблеми кои тешко се лечат.
Инсулин
Се лачи од панкреасот и служи за регулирање на шеќерот во крвта. Малите количини инсулин не се доволни за да се справат со шеќерите, па затоа при одредени здравствени состојби се внесува преку лекови.
Исто така, може да се случи негово зголемено лачење, дури и кога нивоата на шеќер се во граници на нормалата. Често, оваа појава е поврзана со покачениот кортизол.
Тестостерон
Овој хормон го имаат и мажите и жените, со тоа што кај мажите нормалната количина е и до 8 пати повисока отколку кај жените. Неговата улога е поврзана со одржувањето на мускулна и коскена маса, но и со растот на влакната на телото.
Естроген
Полов хормон кој игра голема улога при регулирање на менструалниот циклус, плодноста и женствените карактеристики на телото. Неговото нарушено лачење може да предизвика или нередовни циклуси или пак, неконтролирани крвавења.
Прогестерон
Се лачи од јајниците и има улога да ја подготви матката за бременост. Се лачи во втората половина на циклусот, најмногу по плодните денови, кога телото се подготвува да ја прифати оплодената јајце-клетка.
Кога нема бременост, неговото ниво опаѓа и неоплодената јајце-клетка се исфрла од телото, заедно со делови од ендометриумот, кој бил подготвен да го „прифати“ зиготот.
Хормони од тироидната жлезда
Овие хормони влијаат на многу нешта во женското тело и тоа во растот, развојот, синтезата на протеини, метаболизмот, разградувањето на мастите, а имаат улога и во развојот на нервниот систем.
Пролактин
Високото ниво може да биде причина за изостанок или целосен престанок на месечниот циклус. Тоа се случува затоа што овој хормон се лачи во тек на бременоста и додека мајката дои.
Ако е високо нивото на пролактин кога жената не е бремена ниту штотуку породена, можно е нарушувањето да се случува на ниво на хипофиза.
Што е хипофиза?
Хипофизата е жлезда во мозокот и при нејзина нарушена работа, мора да интервенира лекар. Она што вие треба да го направите е да го засилите имунитетот со помош на исхраната.
Што се случува при неправилни лачења?
Кога лачењето на хормоните е нарушено, во прв момент може да не даде видливи симптоми и жените воопшто да не забележат дека нешто им се случува.
Многу болести, како што се Хашимото тиреоидитис, синдром на полицистични јајници, дијабетес, неплодност, варијации во телесната тежина и многу други, се последица на неправилното лачење на хормоните.
На пример, зголементо лачење од тироидната жлезда предизвикува губење телесна тежина, слабост во мускулите или забрзано чукање на срцето.
Ниското ниво на кортизол и тироидни хормони водат до хроничен умор, слаб и бавен метаболизам, зголемена телесна тежина, поспаност и расеаност.
Нарушувањата во ендокринолошкиот систем најчесто се последица на стрес, нередовна исхрана, но и претерана физичка активност.
Она што треба да го запаметите е дека при секоја појава или состојба што не ви изгледа вообичаена, морате веднаш да посетите лекар.
Здравјето на ендокринолошкиот систем го водат специјалисти интернисти и ендокринолози. Нарушувањата се откриваат преку анализа на крвта и во зависност од резултатите се дава соодветна терапија.
На кои симптоми треба да се внимава и кога да се отиде на лекар?
Хормоналните нарушувања може да се манифестираат преку следните симптоми:
- изостанување на месечниот циклус или повеќе од 40 денови меѓу два циклуса
- тинејџерски акни иако одамна не сте во пубертет
- необјасниво покачување на телесната тежина
- необјасниво губење на телесната тежина
- гушење и отежнато дишење
- прекумерно потење кога не сте физички активни или кога не е многу жешко
- лошо спиење
- проблеми со варењето
- хроничен замор
- промени во расположението, анксиозност и депресија
На лекар е потребно да се јавите секогаш кога сметате дека нешто не е во ред со вас, дури и тоа да ви изгледа многу наивно. Колку порано се открие нарушувањето во балансот на хормоните, толку полесна и пократкотрајна е терапијата.