Да се постават безбедносни камери во градинките за да се гледа како вработените се однесуваат со децата.. Ова го бараат загрижени родители кои предлогот го испратиле до Меѓаши.. Од првата детска амбасада велат дека барањето следи по неодамнешниот случај во гевгелиската градинка каде со навредливи зборови негувателка ги смируваше децата.
„Денеска упативме до Министерството за труд и социјална политика писмо врз основа на иницијатива на граѓаните да ни дадат информации дали размислуваат за воведување на една ваква алатка каде што родителите веќе пројавуваат одредена загриженост и недоверба во однос на институциите каде што децата им се доверени на чување, воспитување и згрижување“, вели Драги Змијанац, Директор на прва детска амбасада „Меѓаши“.
По објавувањето на снимката од градинката во Гевгелија, ресорното министерство и наложи на директорката на установата да истражи што се случувало во објектот „Цветови“.. Од труд и социјала велат дека ги анализираат сите претставки на родители чии деца престојуваат во јавните установи, но не откриваат какви казни заработиле негувателките.
„Во случаите каде што била утврдена вина изречени се дисциплински мерки, а во еден случај донесена е одлука за престанок на работниот однос“, информира труд и социјала.
Инаку од Меѓаши велат дека вработените во градинките имаат исклучителна одговорност, па сметаат оти се потребни строги критериуми при изборот на воспитувачи.
Според податоците од труд и социјала, во изминатите 19 месеци до нив пристигнале 11 поплаки од родители на деца кои се згрижени во јавните градинки.. Најчесто се жалеле на односот на воспитувачките.
Како родители ние секогаш сме загрижени за нашите деца, желбата да се стават надгледни средства во градинките е само и само да воспитувачките и негувателките си ја разберат работата сериозно, бидејќи со новите примања кои се случуваат по градинките и ваквите згриживачки центри за деца нема критериуми при избор на воспитувачки или негувателки, тоа се вообичаено партиски војници, личности на кои им се должи услуга и со ова се раздолжува актуелната власт.
Со самото тоа критериумот е сведен на нула, а со тоа се става на разгледување и компетентноста на тие што се примени да може да ја извршуваат оваа не толку едноставна работа, бидејќи станува збор за човечки битија во нивниот најкревок период, кога било какво несоодветно однесување може да ги трауматизира до крајот на животот.
Апелираме ние како родители не само до Меѓаши туку и до актуелната власт, да се воведат повисоки критериуми за избор на лица кои би работеле на вакви чувствителни позиции и воедно воспитувачките и негувателките поголемо внимание кон дечињата ниту еден родител не го остава детето во градинка за некој да со него се изживува или да го тероризира – посочија преку телефонски разговор дел од родителите од Скопје кои беа загрижени после инцидентот со градинката во Гевгелија.