Унијата на ЗМСТАС на првата официјална средба со министерот за здравство, Венко Филипче, побара транспарентно овластување на комора. По информациите за самопрогласување на т.н. комора на сестрите, Унијата на ЗМСТАС се огласи и побара транспарентност во името на целата сестринска фела во Република Македонија.
Унијата преку своите претставници на 5000-то членство ги пренесе проблематикитe со кои секојдневно се соочува сестринската фела и побара што поскоро изнаоѓање соодветни решенија.
Ставот за нетранспарентно и неосновано самопрогласување на т.н комора го делат и останатите членови и координатори на Унијата.
„Вакви неофицијални самопрогласувања на т.н комора се надвор од сите вистини, го знаеме тоа сите ние кои пред 11 години бевме дел од формирањето на истата. Таа никогаш не доби активност, ниту со членство, ниту, пак, по кој било друг основ. И како таква, за која се водеше и судска постапка, не може никогаш да има редовно годишно собрание. За сето ова си постојат докази, и од тука произлегува констатацијата дека се ова невистини и лаги. Унијата ќе го поддржи само правиот и транспарентен начин за да се формираме како што сака сестринската фела“ – изјави сестра Горданка Бешлиовска, претседател на ЗМСТАС – ЗА НАС и Унијата на ЗМСТАС.
Бешлиовска побара од министерот да се додадат нови критериуми за заштитата во коморното здружување по кои ќе се доделува овластувањето за комора.
„Не може гласот на 5000-то членство да биде незабележан. Членството реагира на неофицијалните информации за самопрогласување на комора, и тоа со право. Бараме промена на Законот за здравствена заштита и додавање критериуми за заштита на коморното здружување. Комората треба да претставува здружување само на сестринските профили кое ќе биде транспарентно овластено. Со голема почит кон сите сродни струки, но реалноста е дека имаме различни организациони и образовни структури поради кои нашите аспирации се разликуваат“, вели Бешлиовска.
Меѓу другото било дискутирано и за проблематиките на „сестрите концесионери“ околу преквалификувањето во здравствените струки и честото губење на работното место како технолошки вишок, за кои Унијата минатиот период го извести преку официјален допис.
Министерот порача дека законот е веќе во својата завршна фаза и веќе наредниот четврток ќе влезе во собраниска процедура, и наскоро ќе може да се очекува разрешување на овие проблеми. Покрај законот за концесионерите, при разговорот со министерот во прв план беа ставени и основните проблематики на сестринството околу коефициентите на платите, непризнавањето на образование, измените на колективните договори… Во текот на идната недела се очекува втора официјална средба на Унијата со министерот.