Додека Струга нема инфективно одделение, во Охрид тоа е во лоша состојба, а условите се речиси нехумани за згрижување на пациенти. Зградата каде што е сместено е многу стара и е пред распаѓање, иако овде гравитираат повеќе од 1.000  пациенти годишно, не само од Охрид, туку и од Струга, Дебар и Ресен. Одделението не располага ниту со соби за изолација на пациенти со високо-ризични инфекции.

„Нашето одделение е едно од најстарите одделенија кое никогаш не е реновирано. Некаде после 1950 година е направено одделението. Но, условите се несоодветни…“-рече Светлана Алексиеска-началник на инфективно одделение Охрид.

Алексиеска вели дека одделението не може да одговори ниту при евентуална потреба од примање на пациенти заболени од корона вирус. Овде доаѓаат пациенти со разни инфективни заболувања од обичен грип, па сè до хепатит, бруцелоза, варичела, дури и луѓе каснати од кучиња.

„Треба помош од државата, малку да се реновира. Бидејки преку лето имаме и странци, кои се каснати од куче или со повреди доаѓаат тука. Изненадени се од условите во кои работиме…“-изјави Светлана Алексиеска-началник на инфективно одделение Охрид.

Струшката болница пак, во моментот не располага со ниту еден инфектолог.

„Јас ќе се залагам во тој дел, затоа што потребите се големи. Ние во моментот кога ќе ни се врати специјалистот од Скопје, имаме уште еден специјалист на дијализа и ќе се трудиме за да создадеме услови за да имаме инфективен оддел во Струга.“-рече Мухамед Асани, Директор на општа болница Струга.

Болницата во Струга преку годината опслужува околу 60 илјади граѓани од целата општина, но и од Дебар и Албанија.

 

Преземано од Алсат