Без срам и перде – дел пратениците за само 6 месеци од државниот буџет испумпале по 10.000 евра за патни трошоци, покажуваат податоците на Законот за слободен пристап до информации. Пресметката е за првите пет месеци од годинава и последниот месец од 2017.
Во листата на топ 20 пратеници според патните трошоци периодов, рекордер е пратеничката на СДСМ Бети Рабаџиеска Наумовска. Таа за пола година ќе добие фантастични 11.770 евра. Мира Стојчевска од СДСМ, која и до сега високо котираше, овој пат ќе земе 10.396 евра, а Алија Камбероски од ПЕИ нешто поскромно – 10.355 евра.
За пола година, пратеничката на СДСМ, Анета Симеска Димоска ќе добие 8.359 евра, нејзините колеги од партијата, Хари Локвенец и Милева Ѓорѓиева, ќе земат над 7.000 евра, Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците 7.962 евра и Агим Шаќири од ДУИ 7.600 евра.
Граѓаните силно го осудуваат ваквото трошење на пратениците. Велат дека било срамота трошењето на народни пари, зашто тие биле избрани токму од граѓаните.
И ако се направи реална математика, пресметката со вклучено гориво, амортизација и патарини, покажува дека во просек тоа заедно би чинело околу 50 евра за еден ден, или околу 6.000 евра за пола година. Тоа значи дека пратениците земале дупло повеќе пари.
Останува отворено прашањето зошто пратениците, главно од власта, земаат сума, за која и самите кажаа дека е многу висока.
Пратеничката Бети Рабаџиеска Наумовска се правда дека била најдалеку и дека во еден правец патувала по 205 километри.
Мира Стојчевска која во изминатиот период беше изложена на бројни критики поради високите суми за патни трошоци, вели дека таа секој ден патувала од Делчево по 168 километри во еден правец.
Пратеникот Хари Локвенец од Прилеп и со кола патува околу 130 километри.
Интересно е што пратениците по пет месеци се сетија за скратување на патните трошоци. Според собраниските служби, се очекува предлогот наскоро да се најде на собраниска седница за гласање, откако го помина и второто читање на Комисијата за политички систем.
Со предложеното законско решение, се предвидува намалување на утврдените 30% од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар за возилото, на 20% од продажната цена на литар гориво.
Според пресметките, превозот и патарините на пратениците само лани го чинеле државниот буџет близу 465.000 евра, или по 50.000 евра месечно се исплаќале само за овој луксуз.