Се прошируваат и реорганизираат болничките капацитети во државава за третман на пациентите хоспитализирани поради КОВИД-19 и се поголемиот број заразени со вирусот, кој во изминатите денови изнесува над 2000. Клиниките за кожни болести и за неврологија наредните денови повторно треба да почнат да работат како ковид центри, а во ГОБ „8 Септември” да се отвори дополнителен ковид оддел, препорача Комисијата за заразни болести на вчерашната седница на која беше разгледувана најновата епидемиолошка состојба во државава.
Истовремено, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември”, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација, да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на КОВИД пациентите. Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).
Со одлука на Владата на лицата кои се лабораториски потврдени на КОВИД-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест, односно се асимптоматски случаи на КОВИД-19 им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метра, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање), наведе владината прес-служба.
За лицата кои се лабораториски потврдени на КОВИД-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно се симптоматски случаи, треба да им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура.
Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на КОВИД-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита.
Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин, според владината одлука, има за оние лица кои исполнуваат еден од критериумите: вакцинирани со Ковид-19 вакцина со две или три дози, а од последната доза да не поминале повеќе од шест месеци; прележани со Ковид-19, а позитивниот тест да не е постар од шест месеци; лицата кои се блиски контакти, а кои заради исполнување на горенаведените критериуми се исклучени од самоизолација/карантин, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај. Датумот на последниот контакт со потврдениот случај се смета за нулти ден.