Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Иринка Сотирова Бухова тврди дека нема, ниту претходно, во изминатите 22 месеца, имала контакти со Жан Митрев.

– И ДСЗИ и лично мене не интересира кој е тој што од институцијата контактирал со Жан Митрев. Најодговорно тврдам дека не во последните 22 месеца додека траела студијата, туку и многу долго пред тоа, немам никакви контакти со посочениот господин. Ја користам можноста и сега, личноста што ја даде дезинформацијата да ме побие со докази, односно нека ги даде доказите со кои располага во соодветните институции – одговори Бухова на прашањето за тоа „кои кодошеле кај Жан Митрев“.

Бухова објасни дека ДСЗИ не дава, ниту одзема дозволи за приватни клиники.

Дозволата за „Жан Митрев“ е дадена од Министерството за здравство, а што пишува во неа ќе ви каже министерот. ДСЗИ не е орган што треба да ја критикува или одобрува одлуката дадена од МЗ. ДСЗИ не побарува дополнително време во однос на надзорите кои ги има направено – рече директорката.

Таа претходно информира дека во „Жан Митрев“ се направени три редовни и девет вонредни инспекциски надзори и детално ги образложи. Бухова објасни и како се пријавуваат интрахоспиталните инфeкции. Клучна и прва институција, рече, до која се доставува информација за интрахоспитална инфкеција, е Центарот за јавно здравје кој прави епидемиолошки увид и наложува мерки. Да не ги мешаме институциите – порача Бухова.