Цервицитис е воспаление на грлото на матката. Болеста е често асимптоматска и се поврзува со полово преносливите болести, иако секогаш тоа не мора да биде случај. На цервицитисот вообичаено му претходи воспаление на горниот репродуктивен тракт и може да доведе до подоцни потешкотии во текот на бременоста или зголемен ризик за размножување на ХИВ вирусот и други полово преносливи инфективни причинители.
Полово преносливите инфективни причинители, како хламидија и гонореја, чинат половина од случаите кај кои се јавува цервицитис. Но сепак повеќе од 50% од заболените, не знаат кој е точниот причинител на болеста и вообичаено во тој случај се дефинира како нехламидиски, негонококен или неспецифичен цервицитис. Најчесто се јавува кај жените кои имаат повеќе сексуални партнери, ниско образование или ретко употребуваат механички контрацептивни средства, како кондом.
Во неспецифични причинители се вбројуваат: микоплазма и уреаплазма, бактериска вагиноза, херпес симплекс вирус, цитомегаловирус и аденовируси. Понатаму алергиска реакција на некои од контрацептивните средства или производи за интимна хигиена можат да доведат до цервицитис.
Симптоми на цервицитис се: невообичаен вагинален исцедок, често и болно мокрење, болки во тек на сексуалниот однос, крварење помеѓу ментруалните циклуси, крварење по сексуалниот однос. Но често, цервицитисот не дава никакви знаци и симптоми, па за болеста се дознава случајно на гинеколошки преглед или кога се утврдуваат причини за неплодност или отежнато зачнување.
Компликациите кои ги предизвикува воспалението на грлото на матката се: воспаление на карлица, зголемен ризик за вонматерична бременост, мала тежина кај новороденчињата, зголемен ризик за пренос на ХИВ вирусот.
Откако гинеколог ќе ја постави дијагнозата, се лечи причинителот на болеста, доколку е познат. За полово преносливите болести се дава антибиотска терапија или антивиретици и тоа за обата партнери. Во случај да се работи за алергија од користење на контрацептивни средстсва или производи за интимна нега се препорачува истите да се избегнуваат за употреба. Во текот на лечењето се препорачува да се избегнуваат интимните односи додека се заврши со терапијата, а во текот на менструалниот циклус да се употребуваат влошки, а не тампони.