Доктор Андон Чибишев синоќа во македонскиот етер зборуваше за стартот на учебната година. Многу поодамна требаше да се разговара кога ќе стартува учебната година и како ќе се одвива. Требаше да има тело од експерти како лица кои ја знаат техниката на предавањата. На пример онлајн наставата не може да се замени со настава со физичко присуство. Сепак можеа да се создадат оптимални услови и се да биде организирано, и за најмалите и за средношколците, како и за студентите, рече Чибишев.
Тој посочи дека е многу е тешко да се работи во училишта во кои нема санитарни чворови, нема соодветни услови за хигиена.
– Ние на 20 август немавме претстава како ќе се одвива наставата, можеби е така поради изборите, но знаевме каква е ситуацијата и надлежните требаше да работат. А што се случи, изборна кампања, па славење, па одмори, па пазарење и никој не се грижеше за ситуацијата и затоа толку се доцни.
Во исто време и Комисијата за заразни болести како да исчезна, не е активна со мислења за старт на учебната година. Ние од мај наваму речиси секој ден имаме трицифрени бројки на заразени. И не само тоа, ако се гледа број на заразени, број на починати, ние водиме, ние станавме најнесигурна земја не само во регионот, туку и пошироко, вели Чибишев.