Откако деновиве дијабетичарите се соочија со недостиг на терапија, како и недоволни количини на глукомери, министерот за здравство Фатмир Меџити, оствари средба со нив, по упатеното уверување дека ќе се надмине состојбата во која се наоѓаат лицата со дијабетес. Лицата со дијабетес посочија дека постои најиновативна инсулинска и антидијабетска терапија, но не ја добиваат.

Министерот за здравство Фатмир Меџити на состанок ги сослушал барањата на лицата со дијабет. Меџити, како што соопшти МЗ, искажал целосно разбирање за нивните барања и предизивиците со кои се соочуваат.

– Како што информираше министерот на состанокот, ги преземаме сите мерки за да се излезе во пресрет на барањата на лицата со дијабетес. Обезбедувањето на квалитетна здравствена заштита за нив е приоритет, а Министерството секогаш ќе биде нивни партнер, се наведува во соопштението.

Вчера се реализираше едно од нивните клучни барања. Потпишана е одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на ленти.

– Сите процедури во рамки на Министерството за здравство се завршени во најкраток рок, навистина жалам што набавката доцнеше, таа требала да се почне уште во декември од претходното раководство, истакнал Меџити на денешната средба со претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари, која се одржа пред најавениот протест.

Министерот информираше и дека се работи на системско решение со кое нема да се дозволи доцнење на набавките во иднина, посочуваат од МЗ.