Деновиве се одржа прес конференција на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, Македонското здружение на радиолози и Македонското здружение за патологија. Претседател на Македонското лекарско друштво, д-р Горан Димитров, посочи дека во Националниот систем „Мој термин“ се воведува секција „Женско здравје“, каде ќе бидат внесени сите извештаи од гинеколошките прегледи, како и од ехо на дојка и момографија.
– На наше барање, во електронското досие на пациентките ќе биде додаден посебен дел кој што ќе се нарекува ‘Женско здравје’ каде што лекарот кој што ја прегледува пациентката може да ги види на едно место извештаите од гинеколошките испитувања, како и прегледите на дојка, ехо, мамографија и во тек е дополнување на овој модул со секција за следење на ХПВ статусот на секоја жена и каков е нејзиниот вакцинален статус“, кажа Димитров.
На прес конференција лекарите зборуваа и дека е потребно подигнување на јавната свест во однос на ХПВ вакцинацијата кај девојчињата, особено затоа што на 100 илјади жени на годишни ниво, според податоците, 20-21 заболуваат од рак на грло на матка. Лекарите посочија дека ХПВ тестирањето е статистичка метода со која се покажува дека практично жената којашто има високоризичен тип носи огромен ризик да има преканцероза и на тој начин рано се открива и се лекува, со што се спречува да дојде до инвазивен рак.
Професорот Рубенс Јовановиќ во своето излагање, пак објасни дека примарен ХПВ скрининг значи дека на почетокот на одредена популација се земаат примероци од грло на матка и се тестираат за присуство на ХПВ вирусот следено со негова генотипизација односно одредување на генотипот на вирусот, односно дали се работи за ниско или високо ризичен. Тој додаде дека на здравствените власти им е даден предлог за спроведување на примарен ХПВ скрининг.
„Доколку нашиот здравствен систем тргне со примарно ХПВ тестирање треба да повнимаваме тоа да се одвива по строги протоколи, со строги тестови, бидејќи од повеќе од 480 тестови достапни на пазарот само 14 се валидирани, а само четири се одобрени од Американската агенција за храна и лекови. Ќе треба многу да се внимава, бидејќи многу е важно, доколку се одлучиме за ваков тип на примарен скрининг, сите лаборатории коишто ќе бидат инволвирани во тој скрининг да користат иста методологија и исти тестови за да имаат компарабилни резултати“, истакна Јовановиќ.
Во однос на вакцините, лекарите потенцираа дека процентот на вакцинирани не е доволен и оти мора да се подигне јавната свест за ХПВ вакцината. Деветовалентната вакцина, се смета за откритие на 21. век.