Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска беше во посета на МАНУ кадешто присуствуваше на презентацијата на нова апаратура за генетско испитување во рамки на проектот „Унапредување на капацитетот на националниот центар за геномика протеомика при ИЦГИБ – МАНУ во областа на персонализираната медицина“.

Во продолжение обраќањето во целост:

-Отвораме една нова страница од научната, образовна, здравствена сфера. Новата апаратура за генетско испитување во МАНУ како и имплементацијата на проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика протеомика“ во нашата најголема научна иституција е само показател дека како Влада сме посветени на сериозно вложување и напредок во областа на научно-истражувачки проекти, а воедно и во здравствен систем, кој се стремиме да го направиме модерен, квалитетен и достапен за сите наши граѓани.

Оваа институција заедно со нејзините еминентни експерти, со помош на оваа нова опрема, значително ќе ја зајакне работата и ќе допринесе за огромен напредок во работењето на МАНУ. Сега со помош на најмодерната и најсофистицирана опрема, резултатите од направените истражувања ќе бидат готови за еден ден со што значително се подигнува квалитетот на работата на Академијата.

Истражувачкиот центар на МАНУ е најголемата и најзначајната институција во државата во полето на молекуларната генетика што има стекнато широка меѓународна препознатливост.

МАНУ и Министерството за здравство имаат тесна соработка во многу значајни области од медицината. Од голема важност за нашите пациенти е и можноста за дијагноза со секвенционирање на гени на наследни и малигни болести, меѓу кои и ретки болести во лабораторијата на Македонската академија на науките и уметностите. Исто така МАНУ секојдневно соработуваше со Министерството за здравство, со нашите здравствени установи и се вложи и научно, и истражувачки за време на кризата со Ковид-19.

Академијата за здравствениот сектор допринесува и помага во рана детекција на болестите, што за нас лекарите значи можност за побрза реакција во поглед на методите на лекување.

Горд сум што вложуваме во најпотребните сегменти од општественото живеење-науката и медицината, за доброто на нашите граѓани и на пациентите, потенцираше министерот Меџити.