Новинарот Мирче Адамчевски е еден од оние кој се зарази со коронавирусот и имаше среќа да го надмине и да оздрави. За него утре е голем ден. По се низ што помина изминатиов период конечно жив и здрав ќе може да излезе надвор и да се прошета. Неговото искуство со Ковид-19 се однесува на сите кои ја имаа среќата, покрај се, да останат незаразени, да не лежат во болница, да не трпат болки а притоа да им пречат мерките за претпазливост, седењето дома и полицискиот час. Своето искуство Адамчевски го сподели на Ммс.мк.
Како си сега откако помина едно премрежје?
-Да, лежев на Инфективна две недели, уште две недели во изолација и конечно од утре ќе излезам да се прошетам. Заболев дома,се собравме и некој од членовите на семејството го донесе и по неколку дена се појавија симптомите. По 10 дена се зголемија, се зголеми температурата и матичниот лекар ми рече дека треба да одам на Инфективна. Поминав две недели на инфективна како средно -тежок пациент, бидејќи таму се делат на лесни, средно – тешки и тешки. Не знам со кои лекови бев третиран. Дневно примав неколку инфузии и вториот ден веќе ми спадна температурата. Полека се опоравував. Морам да кажам пофални зборови за персоналот на Клиника. Морам да го споменам нивниот професионализам и односот кон пациентите полн со оптимизам и тоа во прв ред на лекарите. Но, посебно треба да се издвојат медицинските сестри, бидејќи да работиш од седум наутро, до седум навечер а голем дел од тоа време да си со заштитни маски, очила или визири и друга заштитна опрема, не е лесно. Плус пациенти во разна здравствена состојба, непекинати повици преку ден и на полнок, болни се јавуваат, инфузии, инекции. Да не зборувам низ што се поминуваат. Во една реченица медицинските сестри се ангели чувари на пациентите.
Што најмногу те нервираше?
-Таму цело време бев во контакт со надвор, нормално со мобилнот и мене ми пречеше кога некои постојано викаа дека мерките за борба со корона вирусот се строги. Нив би им предложил барем една ноќ да поминат на Инфективна, да слушаат кашлање, кога ти се чини дека во болница ќе си ги искашлаш дробовите, офкања, повици од некои кои горат од температура, некои се бањаат во пот. Ако поминат ноќ на Клиника тогаш критичарите ќе почнат мерките да ги благословуваат. Мерките не паѓаат од небо, гледаме дека ги предлагаат стручни лица. Доктори, експерти и добро е што е така. Политичарите помалку да се мешаат. Па затоа мерките мора да се почитуваат, во прв ред носење маски. Мора да се држи растојание. Можеби и јас не се согласувам со некои рестрикции кои се воведени, но кога се донесени мора да се почитуваат, особено кога даваат резултат. Јас мислам дека кај нас работите одат кон подобро.
Со што те лечеа?
-Моите симптоми прво беа температура, малаксаност, физичка слабост, поткашлував, но не многу. После 10 дена почнав да кревам температура, да се потам и тогаш ми рекоа да одам на Инфективна. Знам само дека ми дава тамифлу, тоа е капсула, а се друго беше интервенозно. Јас се смеев со сестрите, им велев: „Не напунивте со отрови“, а тие ми велеа: „Не, и благи работи ви ставаме“. Не знам навистина со што ме лекуваа. Во отпусната листа пишува, против која област се давани, против микроби, на бактерии. Навистина не знам. Јас бев воден како средно-тежок случај, но таму имаше што не можеш ни да замислиш.
Како се справуваш со озборувачите? Многумина кои го надминале коронавирусот сега имаат проблем со околината.
-Има една работа која ме вознемирува. Веќе ми кажаа дека кон оние кои се негативни на коронавирус се однесуваат како кон лепрозни. Ги избегнуваат контактите со нив, на работа, на пример. Човек се вратил на работа и вели: „Се однесуваат кон мене како лепрозен“. А тој веќе негативен. Тоа загрижува. Конечно сегашнава состојба покажа дека во државава треба да се создаваат системи за вонредни состојби. Она што го имавме како наследство од СФРЈ го растуривме. Се надевам дека сега со влегувањето во НАТО и почнување преговори со ЕУ конечно ќе почнеме да градиме нормална држава. Јас до утре сум во изолација. Две недели по излегување од болница сум дома. Така што имам искуство со комшиите. Односот со нив е присен. Се шегуваме, иако има некои кои кога ќе им кажам дека сум бил заразен со вирусот ме гледаат со недовреба и полека се оддалечуваат од мене. Тоа ти е…Балкан…
Ова е уште еден доказ дека никогаш не се знае со што човек ќе се соочи во животот..
-А човек е жив ѓавол. Потребен е само оптимизам. Таков поглед кон она со што ќе се соочиш. Јас таму одев низ собата и си пуштав музика. Си слушав класика, блуз, рок. Еднаш си потпевнував и една сестра ми вели: „Што, што?“ А јас и велам: „Пеам на германски“. Цимерот во болничката соба, кој што беше тежок случај ми вели: „Кога ќе оздравам ќе одам на викендица и ќе ги слушам сите овие музики“. И Бетовен и Лист и Лили Марлен и Би Би Кинг…Тоа ти е…