ЈАВНО ГИ ПОВИКУВАМЕ ДИРЕКТОРИТЕ на ФЗОМ и МИНИСТЕРОТ за ЗДРАВСТВО, ДА СЕ ПРОИЗНЕСАТ ПО НАШИТЕ БАРАЊА, кои што до сега изминативе месеци, неколку пати уредно се доставени до нив, а за што до денес немаме добиено никаков одговор.

При крајот на декември 2018 година ФЗОМ и надлежните комори (Стоматолошката комора и Лекарската комора) се договорија да се потпише анекс за продолжување на постоечките договори кој ќе се применува во наредните шест месеци до 30.06.2019 година. Во меѓувреме, од јануари 2019 година, преставниците на ФЗОМ и засегнатите доктори да формираат посебни работни групи кои ќе работат на решавање на сите отворени прашања.

Сега сме март 2019 година а од најавените работни средби со стоматолозите специјалисти нема апсолутно ништо. Брзо ќе дојде 30.06.2019 година до кога треба да се знае на што ќе се заснова нашето работење и нашиот годишен буџет.

Во меѓувреме ФЗОМ преговара со матичните доктори и специјалистите од неколку специјалистички гранки од областа на општата медицина, но за специјалистите по стоматологија, до сега никако да најдат време за решавање на многу наши проблеми, наталожени изминативе 12 години до денес (од 2007 година кога нашите дејности се приватизираа по сила на закон а не по наша желба и барање).

Законските надлежности на институциите ФЗОМ и Министерство за здравство се унапредување на здравствената заштита на граѓаните и организирање и регулирање на условите за пружање на здравстени услуги. Системот не треба да функционира против потребите на осигурениците кои сега ФЗОМ ги принудува да чекаат предолго за да добијат здравствена услуга. Ова ФЗОМ го прави индиректно преку нереално малиот буџет за специјалистичката стоматологија.

Со сегашниот модел на финансирање, нас и на вработените, ни се ускратени загарантираните законски права на годишни одмори, боледување и други отсуства.

Од тука се поставува прашањето дали на нашата држава и требаат стоматолози специјалисти од различни специјалности на стоматологијата?

Зарем системот не треба да функционира и за нас, подеднакво како за сите други ?

Додека се зголемуват платите во сите сегменти на Јавното здравство (во изминатите 12 години, платите во јавното здравсто се зголемуваа за 11 %, секоја година) и се наговестува минимална месечна плата од 24 000 денари, нашите плати останаа непроменети од 2007 година се до денес. Додека сеуште бевме дел од јавното здравство (пред нашата приватизација), цената на нашата услуга беше за 100% поголема, отколку референтната цена што тогаш нам ни ја понуди ФЗОМ, без можност за корегирање и преговарање. Од тогаш до сега цените на материјалите се зголемени за 300 %, а ние не можеме да ја наплатиме ни сегашната цена на материјалите, ниту нашиот труд.

За добивање на референтните цени, не беа применети никакви правила и процедури коишто постојат за истите, туку цените се ставени паушално.