До министерството за животна средина заклучно со 16-ти декември, што беше и последен ден од предвидениот рок, 5 интернационални компании испратиле понуди за чистење на малата депонија со наталожен канцероген линдан во поранешниот хемиски гигант Охис.
Надлежното министерство во соработка со Обединетите Нации, УНАДО обезбеди 6 милиони долари, но дали овие фирми ќе чистат за оваа или повисока сума ќе се знае откако ќе се отворат понудите, соопшти министерот за животна средина, Насер Нуредени. Министерот исто така најави измени и на Законот за животна средина за воведување на статус на контаминирано подрачје. Додека пак за чистењето на останатите хемикалии кои се наоѓаат во кругот на Охис беше речено дека е во тек постапката за добивање на дозволи од сите земји преку кои ќе се транзитира, за транспортот на хемикалиите до Швајцарија.
Доколку се одбере една од овие 5 фирми, чистењето ќе треба да започне во март, а да заврши најдоцна за 30 месеци. Избраната фирма ќе мора да исполнува строги критериуми и да ја заштити областа, пред да започне со чистење. За контаминираниот воздух да не се шири, фирмата ќе мора да изгради хала по највисоки европски стандарди со специјална вентилација и прочистувачи на воздух, која би можела да издржи и земјотрес од 9 степени според Рихтерова скала.
Сепак не се знае дали за овие услуги фирмите кои се заинтересирале за огласот ќе ја прифатат понудата од 6 милиони долари или ќе бараат повеќе средства, информација која ќе се знае најдоцна за еден месец. Од министерството не ја отфрлаат можноста за договарање на сумата со најсериозната компанија која испратила понуда. Малата депонија се наоѓа до големата веднаш до оградата на фабриката и булеварот „Борис Трајковски“. Претпоставките се дека во големата депонија се кријат 40 000 тони материјал измешан со канцерогениот линдан.
За да се исчисти и оваа депонија потребни се од 40 до 60 милиони евра, а процесот ќе трае најмалку 5 години. Само за потсетување, линданот е токсична канцерогена супстанца која го загадува воздухот, почвите и подземните води во главниот град Скопје, а во светот е забранет за користење од 2006-та година и е ставен на листата Перзистентни органски супстанци според Стокхолмската конвенција на Обединетите нации.