Ни остануваат само уште 15-тина дена до стартот на учебната година, но сеуште не се знае што ќе биде со невакцинираните првачиња. Дали првачињата ќе останат дома или ќе тргнат на училиште? Од министерство за образование, но и од министерството за здравство сеуште нема одговор.
По неколку месечни препукувања меѓу министерствата за здравство и образование, Владата на седница одлучи во септември во училишните клупи да седнат само децата кои ги примиле сите вакцини, но од друга страна и основното образование остана задолжително. Казните за двата прекршоци се 1500 евра. И Филипче и Адеми си ги бранеа законите секој за својот ресор. Заедничка форма на законот не се најде, алтернатива за родителите нема, никој не ја ни нуди, а казните си остануваат во случај да се прекрши законот.
-Нема да отстапиме да се примаат само вакцинирани деца, изјави министерот за здравство д-р Венко Филипче.
-Се предвидени казни и кога детето нема да го следи образовен систем бидејќи според закон истиот е задолжителен и следи казна доколку детето не е дел од основното образование, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Се започна со прогласувањето на епидемијата на морбили. Поради која имаше принудна и масовна вакцинација од страна на министерството и министерот Филипче, но и покрај тоа сепак во државата уште има околу 8.600 деца до 14 години кои не примиле МРП.
Од почетокот на епидемијата, па до сега во земјава се регистрирани 1900 заболени, кои прележале мали сипаници или биле зафатени со вирусот, од кои 4 деца при тоа се починати поради компликации.
Став јасен и концизен од било кое министерство нема, министрите се на одмор и не се појавуваат да ги разјаснат работите, предстои уште една турбулентна есен за родителите со вакви неусоглеасени ставови на владата и министерствата.