Од 16 декември до вчера, вкупно 22 лица со симптоми на морбили се хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 13 лица сè уште се таму, а девет се веќе пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е бебе од осум месеци, а најстариот има 33 години и е од Скопје. Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче, Општина Аеродром – вкупно девет деца. Бројот на нововакцинирани секојдневно расте, така што досега во сите вакцинални пунктови во Скопје се вакцинирани 1.692 лица.
Имено вчера во одбрана на вакцините и да се докаже дека вакцините се квалитетни и безбедни Филипче вчера ја вакцинираше и својата внука.
Но денес се појави вест дека новите вакцини со декларации со истечен рок се најдени при инспекцискиот надзор на терен во вакциналните пунктови, еден ден пред посетата на претставници од белгискиот производител „Глаксо Смит Клајн“ од Белград. Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, Ќахил Ибраими, не открива за колку вакцини МРП со погрешно аплицирани декларации станува збор и во кои здравствени домови и градови. Проверка се правеше и на целата документација на компанијата „Македонија лек“, која е увозник и дистрибутер на вакцината МРП до здравствените домови.
Инспекторите во средата влегоа во компанијата ‘Македонија лек’, каде што и во текот на вчерашниот ден ја проверуваа документацијата. Треба точно да се утврди на колку вакцини им биле аплицирани декларации со истечен рок.
Со тоа се поставува прашањето дали сите деца се вакцинираат со иста вакцина? Или пак одредени деца имаат приоритет? Филипче време е да одговори на сите прашања што ги засегаат родителите бидејќи сепак се работи за здравјето на нивните деца.