Веројатно сте забележале дека очите во зима повеќе се сушат, но дали знаете зошто тоа се случува? Има помалку влага во воздухот отколку во текот на летните месеци. Причината е и големата разлика помеѓу надворешната и внатрешната температура. Американскиот офталмолог др.Сузан Ресник вели дека луѓето кои носат контактни леќи имаат најмногу проблеми, затоа треба да користат навлажнувачи дома.

Но, не се само зимските услови виновни за сувите очи. Постојат и други фактори, водоотпорната маскара и моливот за очи може да предизвикаат проблеми. Моливот за очи е опасен особено ако се нанесува на внатрешната обвивка на очниот капак, бидејќи таму се наоѓаат жлезди кои можат да се затнат. Д-р Ресник предупредува и дека водоотпорната шминка на база на масло остава знаци кои ги затнуваат порите и ги оштетуваат очите.

Таа советува и што е можно помалку да гледаме во компјутер, бидејќи оние кои премногу долго седат пред екран трепнуваат двапати помалку, поради што очите не подмачкуваат доволно. Препорачува на секои 30 минути да го тргнете погледот од компјутер и околу две минути да гледате во далечина.

Ако имате проблем со сувите очи, може да ви помогне и промена на начинот на исхрана. Избегнувајте алкохол и кофеин, консумирајте повеќе намирници богати со омега-3 масни киселини како што се лосос, ленено семе, ореви.