Со електронско објавување на десет вредни дела посветени на афирмацијата на македонскиот јазик денеска ќе биде одбележен Денот на македонскиот јазик. Станува збор за книгите „За македонскиот јазик“, книга 11 од Посебните изданија на ИМЈ, објавена во 1978 година под редакција на Тодор Димитровски, на Блаже Конески и на Трајко Стаматоски; Осум зборници (почнувајќи од книга 2) од едицијата „Денови на Благоја Корубин“, основач и главен редактор: Снежана Велковска (најновите зборници ги има на веб-страната на Институтот, а останатите електронски недостапни изданија се во подготовка за објавување) и фототипско издание на „Речникот на презимињата кај Македонците“, во два тома (од 1994 и 2001 година) од авторите Марија Коробар-Белчева, Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски и под редакција на Трајко Стаматоски.
Од ИМЈ потсетуваат дека електронското издание на „Правописот на македонскиот јазик“ е подарок до народот од Владата, од Институтот, од НУБ и од авторите.
– Време е 4.200 страници од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ да станат достапни во електронска форма за народот и за светот, за што ја бараме поддршката од Владата и од релевантните институции. Време е за дигитализација и за електронско издаваштво! Годинешниот Ден на македонскиот јазик нека биде уште еден поттик за тоа!, порача директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, во обраќањето по повод Денот на македонскиот јазик. Таа посочи дека светот признава постоење на над 6.500 јазици. Само неколку стотини од нив се издигнале на ниво на службен јазик на еден народ во една држава, а јазикот на Македонците е еден од избраните.
– Уште во деветтиот век браќата Кирил и Методиј, со помош на глаголицата, како оригинално писмо, ги превеле црковните книги на јазикот на македонските Словени од околината на градот Солун (во науката познат како старословенски и старомакедонски). Со благослов на папата, овој јазик станува четвртиот признат јазик во светот што е достоен за Библијата и за Бога. Подоцна, постапно, кирилицата го зазема своето место во писмената традиција. По многу векови, со прогласувањето на Федерална Македонија како држава, АСНОМ, на своето Прво заседание на 2 август 1944 година, донесува решение за воведувањето на македонскиот како службен јазик. Со објавувањето на македонската азбука на 5 мај и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година од Народната влада на Федерална Македонија, се случува кодификација на современиот македонски литературен јазик. Така, македонскиот јазик повторно се вбројува во избраните јазици на светот, потсетува Јованова-Грујовска.