Поранешен директор на училиштето, сегашен библотекар Ванчо Божиновски се жали дека му се врши мобинг на работа од страна на сегашната в.д директорка Лидија Андонова. Тој поднел барање до Државниот просветен инспекторат кој извршил надзор во училиштето и констатирал дека сертификатот кој го поседува директорката не е доказ за положен КЕТ меѓународен сертификат по англиски јазик затоа што не е издаден од Кембриџ асесмент инглиш кој е единствен тестатор признат во Македонија.
„Кон мене од почеток добар, потоа кога почнаа да настануваат привирање во врска со изборот, почна со притисоци и да им забранува на колегите да не зборуваат со мене. Вториот услов кој е потребен за да стане директор е познавање на странски јазик издаден од британски совет а тоа го нема и со ова се крши законот“, рече Божиновски.
Се произнесе и в.д директорката Лидија Андоновска. Таа вели дека има доставено Сертификат издаден од образовен центар во Софија како доказ за положен КЕТ меѓународен сертификат по англиски јазик.
„Во однос на работата на Државниот просветен инспектор од Државниот просветен инспекторат, кој само за неколку часа на 22.10.2019 (втроник) работно мотивиран, успеал да подготви два записника и едно решение, при што, прекршил повеќе закони, а со забелешки по истите, доставени се до Државниот просветен инспекторат и други надлежни институции кои согласно своите надлежности очекувам да постапат. За делувањето на Државниот просветен инспектор свој став и мислење имаат и членовите на Управниот одбор на СУГС „Димитар Влахов“ и точно ги лоцираат одговорностите на лицата вклучени во групата на Ванчо Божиновски и нивното делување“, рече Андоновска.
Од Град Скопје кои се одговорни за поставување на директори во средните училишта велат дека овој критериум кога се воведе во Македонија немаше и соодветна инфраструктура и доста од лицата кои полагале во тој период полагале надвор од државата. Посочената директорка е една од нив и се има здобиено со сертификат во тој период, кога се организирани полагања за администрацијата од страна на агенцијата на државни службеници. Ова полагање е извршено во Софија, Р. Бугарија, и со тоа таа се здобива со соодветен сертификат за познавање на англискиот јазик кои е организиран од државата.