Угур Шахин, директор на Бионтек, германската компанија која стои зад вакцината Фајзер против ковид 19, во интервју за Le Monde во Франција рече дека третата доза од оваа вакцина штити околу 70 проценти од сојот омикрон. Но, Шахин вели дека само вакцинацијата нема да биде доволна да се запре ширењето на нови варијанти на вирусот, туку дека е потребна и примена на мерки.
Како што пренесуваат светските медиуми, Шахин рекол дека прелиминарните податоци од Јужна Африка и Велика Британија покажуваат дека ефективноста на вакцината е околу 70 отсто по третата доза, а меѓу 20 и 40 отсто по втората.
– Дури и луѓето кои примиле три дози може да ја пренесат болеста и мора да се тестираат особено ако се блиски со луѓе кои припаѓаат на ризични категории. Со тоа што сојот омикрон станува доминантен, превентивните мерки мора да останат клучни, особено во текот на зимата – рече Шахин.
Тој, исто така, објасни дека Бионтек треба да направи вакцина прилагодена на сојот омикрон до март. Тој додаде дека компанијата работи и на истражување на различни типови на вакцини.