Медот е природен шеќер кој обезбедува калории богати со минерали, особено со железо и цинк. Медот е богат со јаглени хидрати, а најмногу со прости шеќери како глукозата и фруктозата кои претставуваат енергетски материјал.
Медот содржи витамини од групата Б комплекс, витамин Ц, натриум, калциум, фосфор и магнезиум. Го доведува организмот во рамнотежа, претставува енергетско закрепнувачко средство и во исто време влијае на нервниот систем и крвотокот. Затоа треба да го консумирате во случај на физичка и психичка исцрпеност, велат нутриционистите.
Клучна состојка на медот се простите шеќери (моносахариди), моќен извор на енергија кои крвта ги апсорбира во изворен облик. Во случај на хроничен замор и за време на закрепнување на долги болести, се препорачува да земате четири кафени лажици мед дневно, се додека не се чувствувате подобро. За полесни состојби на замор земајте по една кафена лажица наутро и една навечер – советуваат нутриционистите.
Кога станува збор за децата чие здравје е многу кревко и се лесно подложни на настинки, вируси или бактерии, медот е одличен избор како за заштита на здравјето, но и за подобрување на имунитетот особено во зимските месеци. За нив најдобро е секое утро пред да заминат на училиште, да испијат шолја млеко со две кафени лажици мед, велат нутриционистите.
За возрасните пак е многу корисно наутро пред појадок и кафе, да се испие сок од еден портокал, половина лимон и една лажица мед растворени во два децилитри вода. Повозрасните лица и оние кои имаат зголемен холестерол можат да додадат и една лажица јаболков оцет.