Сакате да пробате нешто ново, а вкусно? Погледнете го видео-рецептот за колач со ресана и Кока-кола и сигурно ќе сакате да го подготвите дома. Ќе го обожавате десертот со ресана бисквити и Кока-кола, кој се прави без печење. Вкусен е, но уште поважно – многу лесно се подготвува. Па ако сакате да пробате нешто ново – зошто да не го направите овој колач?

Потребни состојки:
500g ресана бисквити
600ml Кока-кола
300g крем сирење
120g шеќер во прав
250g шлаг пена
30g нишесте
30ml вода
150g темно чоколадо
30ml масло

Начин на подготовка:
Во калап за торта наредете еден ред ресана бисквити.
Во длабок сад ставете ги крем сирењето и шеќерот во прав, па матете со елекрична маталка за да се спојат убаво. Додајте ја шлаг пената и повторно матете додека да добиете мазна смеса.
Половина од кремот истурете во калапот врз ресана бисквитите и убаво распоредете ја по целата површина.
Во длабоко тенџере на загреана рингла ставете 600ml Кока-кола.
Во нишестето ставете 30ml вода, па кога ќе добиете смеса без грутчиња, полека додадете ја во Кока-Колата што почнува да врие. Мешајте без престан додека да се згусне убаво за да добиете фина карамелизирана глазура.
Оставете ја да остине околу половина час. Кога ќе се олади, неколку лажици од глазурата ставете врз белиот крем.
Со дрвено стапче (или со виљушка) спојте ги двете смеси (како што е прикажано во видеото), па одозгора ставете нов слој од белиот крем. Повторно ставете неколку лажици од глазурата и спојте ги двете смеси.
Ставете го колачот во фрижидер и оставете го околу два часа.
Во посебен сад ставете 150g темно чоколадо и 30ml масло и ставете го во микробранова печка да се стопи. Спојте ги двете состојки, па прелијте го колачот.
Оставете го уште еден час во фрижидер, па послужете го.