Предолгото седење во иста положба, без паузи, може да заслабне делови од мозокот кои се поврзани со памтењето. Ова е причина плус за почесто да правите паузи доколку работите работа при која долго седите, но и кога имате слободно време да го користите за раздвижување.
Во една нова студија објавена во списанието „PLOS One“ се вели дека долгото седење не е опасно само за срцето и линијата, туку може да му наштети и на мозокот. За време на истражувањето е утврдено дека седечката положба влијае да заслабнат мозочни структури во делот одговорен за паметење. Заслабнувањето на овие делови може да бидат причина за намалување на когнитивните функции или развој на деменција и Алцхајмерова болест. Но, како што се наведува во статијата, физичката активност не е доволна за да се надомести негативниот ефект од долгото седење.
На УКЛА било спроведено истражување во кое учествувале 35 здрави лица на возраст меѓу 45 и 75 години. Од нив било побарано да ја мерат физичката активност, но и времето кое го поминуваат во седење. Притоа на сите им била направена снимка со помош на магнетна резонанција, за да се забележи состојбата на мозочното ткиво пред почетокот на истражувањето.
По одреден период, кога прегледот бил повторен, констатирано е дека физичката активност не влијаела нешто особено врз зацврстувањето на мозочната маса, но предолгото седење дефинитивно ги заслабнувало деловите и центрите одговорни за паметење.
Просечниот број на часови во денот во кои испитаниците седеле бил помеѓу 7 и 9, а заслабнувањето било поголемо кај оние кои подолго седеле. Овие заслабнувања, според истражувањето, може да бидат причина за намалување на когнитивните функции и за нарушено здравје на мозокот.
Оваа студија на УКЛА сама по себе не дава многу информации, бидејќи е направена врз мал примерок, но била мотив да продолжи да се истражува претпоставката, што довело до поцврсти докази за поврзаноста меѓу седењето и губењето на меморијата. За во иднина е планирано истражувањето да се прошири на повеќе држави, да се испитаат припадници на различни возрасни групи, како и дали демографијата и типичното однесување влијаат во заслабнувањето на мозокот во делот на помнењето.
Во меѓувреме, стои препораката дека предолгото седење е штетно за сите и дека секогаш треба да се вклучи повеќе активност во животниот стил.