Гинекологот кој девет месеци лажел пациентка дека е бремена во Основниот суд Скопје 1 денеска е осуден на една година и шест месеци казна затвор. На докторот Николче Дамчевски изречена му е и забрана за вршење дејност во траење од осум години. Тој пред судот ја признал вината.
Гинекологот делото го сторил во периодот од септември 2015 до април 2016 година. Во овој период тој презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување.
Според обвинението Дамчевски иако знаел дека оштетената не е бремена, вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање. Информацијата за лажната бременост прво на сопругот, а потоа и на пациентката гинекологот им ја соопштил непосредно пред денот за кога било договорено породувањето.