Капиталните инвестиции целосно потфрлија. За шест месеци државата потрошила само 16% од парите планирани за инфраструктурни проекти за годинава. Најновиот извештај на Министерството за финансии покажува дека во периодот јануари – јуни биле вложени само 65 милиони евра од вкупно планираните речиси 400 милиони евра.
Ова е резултат пред се на запирањето на големите проекти, изградбата на автопатите, но и на не започнувањето на нови. За половина година би требало да бидат потрошени половина од парите предвидени за патишта, железници, водоводи, училишта, градинки, болници, а инвестирани се четири пати помалку.
Аналитичарите предупредуваат дека досега растот се потпирал главно на градежништвото, па со запирањето на сериозните вложувања во инфраструктурата, целата економија се доведува во фаза на застој.
И додека има потфрлање на капиталните инвестиции, има натфрлање на задолжувањето. За шест месеци Македонија земала дури 89% од планираните кредити за цела години односно се задолжила за над 505 милиони евра само на странските пазари. Дома биле позајмени 156 милиони евра или над 54% од планираното.
Економијата во првиот квартал порасна за само 0.1%, најмала стапка во регионот.