Во последниве неколку дена белгиските медиуми известуваат за преоптовареност на одделите за педијатрија во болниците поради епидемија на бронхиолит кај децата. Слична е состојбата и во соседна Франција.
Болниците порачаа дека оваа епидемија е „без преседан“, а ниеден кревет веќе не е слободен во поголемите болници во главниот град Брисел. Педијатриската итна помош е преплавена со работа, информираат од болницата Сен Пјер.
Иако секоја зима болниците се соочуваат со пик на респираторни инфекции кај населението и посебно кај децата, овој пат многумина алармираат дека ситуацијата е посериозна од претходните години и дека бројот на заболени е повисок. Еден од главните проблеми е недостигот на персонал кај специјализираните медицински сестри.
-Младите пациенти под двегодишна возраст пристигнуваат по десетици во чекална и тешко ни е да најдеме место за овие деца, изјави Натали Мониот од болницата Сен Лук во Брисел. Недостигот на медицински сестри веќе беше проблем за време на пандемијата од Ковид-19.