Пред крајот на месецот во аптеките граѓаните не можат да ги најдат лековите на рецепт што им ги пропишале лекарите. Мајки на деца се жалат дека фалат антибиотици кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување.
„Не знаеме кога ќе се разболиме ниту ние возрасните ниту моите деца. Барав антибиотик за син ми, но фармацевтите од неколку аптеки ми рекоа дека немаат повеќе од една недела. Не знам што повеќе да кажам, разочарана сум“, револтирано одговори една мајка.
Со недостиг на лекови се соочуваат и хронично болните. Дел од оние што ги прашавме рекоа дека од аптеките им порачувале дека лековите за хронична терапија најчесто им завршуваат до средина на месецот, ама и порано.
„Речиси секогаш купувам лекови за мојата болест на почеток на месецот. Овој пат имав други обврски, не земав и сега не можам да ги најдам на рецепт, иако со години имам хронична болест. Аптекарките креваат раменици ми велат лекови на рецепт нема доволно“, наведе пензионер кој посочи дека лекот го побарал во повеќе аптеки во Скопје.
„Пијам пропишана терапија за висок крвен притисок, а имам и дијабетес. Лекови на рецепт нема, ова не е ништо ново, со години се провлекува оваа пракса, иако од власта имаше ветување дека вакво нешто повеќе нема да се случува. Што треба сега, цел град да го свртам од аптека во аптека?“, прашува 60-годишна скопјанка.
И од аптеките велат дека веќе десетина дена немаат лекови што се на товар на Фондот, како што се антибиотиците, а дел од нив фалат уште по првата седмица, особено оние што се за деца. Нема лекови и за хронично болните на рецепт.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев посочи дека пред три дена е зголемен буџетот на квоти за април за дополнителни над 150.000 евра, односно по 12.000 денари по аптека. Од Фондот, пак, наведоа дека за сите, вкупно 772 аптеки, за април ги зголемиле квотите и дека континуирано ја следат достапноста на лековите на рецепт и работат на обезбедување подобра снабденост во текот на целиот месец.
„Поради сезонските алергии и прогласената епидемија на морбили на територија на цела држава, но и по направена сондажа за искористеност на квотите за април, која изнесува 85 до 90 отсто, управниот одбор на Фондот донесе одлука за линеарно зголемување на квотите за дополнителни 12.000 денари. Ова зголемување е обезбедено за секоја здравствена установа – аптека, освен за аптеките со максимална месечна квота од 650.000 денари и ќе важи само за април. Фондот продолжува внимателно да ги следи состојбите со достапноста на лековите на рецепт во аптеките. Ова го прави со цел осигурениците да може да ги подигнуваат потребните лекови во аптеките, во близина на нивното место на живеење“, подвлекоа од Фондот.
Претседателката на фармацевтската комора на Македонија, Бистра Ангеловска, верува дека проблемот со недостигот на лекови на рецепт стручната фела во соработка со Фондот ќе го реши.
„Работи една мешовита група од Комората и од здруженијата на приватни аптеки и од Фондот. Во рамките на расположливите ресурси на Фондот гледаме да се намират потребите до крајот на месецот и на граѓаните да им бидат достапни лековите кои се на товар на Фондот. Од страна на стручната фела постојат идеи на кои работиме, за да може да се остави во квотата еден одреден дел кој ќе биде наменат за акутните болни бидејќи хронично болните знаат терапијата да си ја набават на почетокот од месецот. Да се дејствува на рационалното препишување, на ажурирање на позитивна листа на лекови, која треба да биде посовремена, поефикасна. Се смени ,одделот на доделување на квотите на аптеките од страна на Фондот меѓутоа гледаме дека сè уште има недостатоци. Верувам дека во од ќе ги исправаме недостатоците“, рече Ангеловска.
Инаку, поради долгогодишниот застој и непроширувањето на позитивната листа на лекови, Министерството за здравство иницираше законски измени со цел соодветно да се регулира оваа проблематика. Предлог-законот за здравствено осигурување, кој е во собраниска процедура, предвидува една комисија да ја утврдува и проширува позитивната листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување, наместо досегашните 14 со по 17 члена. Новата стручна комисија треба да ја формира министерот за здравство и според предлог-законот таа треба да биде составена од девет члена. Министерот за здравство Венко Филипче пред извесен период посочи дека приоритет ќе биде на позитивна листа да бидат ставени лекови за автоимуни заболувања, ревматоидни, онколошки заболувања и ретки болести.
Но како и секогаш од ветувањата на министерот ништо нема, само граѓаните лутаат од аптека до аптека во потрага по своите лекови за да може да го преживеат месецот.