Министерот за здравство Венко Филипче, во денешното гостување во вестите на една од нашите тв куќи посочи дека иако има зголемување на бројот на заболени во дел од градовите низ земјава, нема простор за паника. Тој објасни дека ситуацијата е стабилна, вакцинацијата добро се одвива, но од есен се размислува за рестрикции кои ќе бидат по примерот на некои други земји. Во однос на колективниот имунитет, Филипче посочи дека многу е важно да се вакцинираат што поголем број граѓани.
– До крајот на август доколку продолжи ова темпо, вкупниот број вакцинирано население ќе достигне 40 проценти, не знаеме дали ќе биде тоа темпо и понатаму, а тоа не е доволно. Треба многу поголем број граѓани да аплицираат за вакцинација, да се јават во вакциналните пунктови за да го достигнеме тој колективен имунитет, рече Филипче.
Во однос на ситуацијата со коронавирусот и податоците од епидемиолошките анкети, Филипче нагласи дека во болниците нема силен притисок за хоспитализација и второ нема голем број пациенти, континуиран е бројот, некаде четири до пет во изминатите две до три недели во амбулантите.
– Врз основа на бројот на пациенти кои се наоѓаат во болниците, врз основа на бројот на новодијагностицирани пациенти засега сметаме дека некаква форма на рестриктивни мерки или контрола во смисла на барање тестови на граници, не треба да се воведат. Но, будно ја следиме ситуацијата, ќе видиме дали ова е само еден инцидентен скок или трендот ќе порасне и понатаму ќе одлучуваме врз основа на тие податоци, рече Филипче.
На прашање дали ќе се воведат рестрикции, рече дека размислуваат за форма на рестрикција во есенските месеци кога имаме дополнителен број ризик фактори заради тоа што луѓето повеќе ќе бидат во затворени простории, ќе се вратат и од годишните одмори.
– Размислуваме за рестрикции по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории во смисла на тоа да се бара задолжителна потврда за вакцинација, а дотогаш ја следиме ситуацијата. Сигурно дека ќе воведеме некаква форма на рестрикција дури и во следниот период ако заклучиме дека за тоа има потреба и дека тоа може на некој начин да ја смири ситуацијата. Овие мерки ќе важат за тие кои не се вакцинирани, Има мерки кои веројатно ќе продолжат да важат и понатаму, тоа се маските во затворен простор, меѓутоа зошто да ги доведуваме во опасност сите. Точно е дека можат да се заразат и луѓе кои се вакцинирани, меѓутоа вакцината штити од тешка форма на болеста и сериозно го намалува ризикот од смртен исход и тоа е суштината. Во следниот период од веројатно една година, можеби две, има секакви прогнози, ќе живееме со вирусот. Тој ќе биде присутен. Многу веројатно е дека ќе дојде и некоја следна мутација, а тоа не значи дека ние ќе живееме и треба да живееме со рестрикции. Битно е граѓаните да се вакцинираат во што поголем број, рече Филипче.