Mинистерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека се очекуваат нови мутации на коронавирусот, така што делта сојот нема да биде последниот сој на овој вирус. Според него едно од можните сценарија е да има препорака за трета доза на вакцини, а во зависност од моменталната состојба ќе разговараат за евентуални рестриктивни мерки прво насочени кон оние кои не се вакцинирани.
– Затоа што нема потреба да им создаваме дополнителен ризик на луѓето кои се вакцинирани, знаејќи дека тоа е единствениот начин ние нормално да функционираме и животите да ги вратиме назад. Очигледно е дека кризата продолжува. Може да трае и повеќе години. Така да, ставаме акцент на вакцинацијата. Верувам дека нема да спласне интересот кај граѓаните, минатата недела неколку денови по ред бевме едни од лидерите во регионот по број на дадени вакцини на 100 жители што е добар знак, посочи Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Филипче рече рече дека има зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти, но во овој момент, според него нема притисок ниту во болниците, ниту во амбулантите, состојбата е прилично мирна и болниците фунцкионираат без притисок.
– Околу 15 пациенти се лекуваат на Инфективната клиника. Будно ја пратиме состојбата. И покрај тоа што е сега прилично мирно, можно е овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, а ние интензивно ги пратиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата, рече Филипче.