Германскиот вирусолог Кристијан Дростен за германските медиуми изјави дека веројатно пандемијата со Ковид-19 до есен или зима ќе стане епидемија, која ќе се повторува секоја година. Тој посочи дека по завршување на летото, бројот на заболени ќе се зголеми, но состојбата ќе може да се контролира.

Дростен објасни дека таквиот скок на бројот на заболени најверојатно ќе се опише како „четврти бран“ кој ќе означи почеток на „нова, ендемична фаза“ или „сезонска епидемија“ што ќе се повтори во текот на неколку години, но може да биде под контрола со ревакцинација.

 

Дростен е раководител на одделот за вирусологија на Универзитетската болница во Берлин, и е клучен глас што ги советува владата и јавното здравство во текот на пандемијата. Тој објасни дека и покрај јасните индикации дека вирусот станува се поконтролиран, сепак постои опасност поради луѓе кои не успеваат да ја земат втората доза или веруваат дека вакцините повеќе не се потребни.

Целта на Германија како општество е 80% од возрасната популација да бидат целосно вакцинирани. Очекувањата се дека Германија ќе ја постигне оваа цел до крајот на август или средината на септември. Во моментов, 23 отсто примиле целосна вакцинација и 47 отсто примиле една доза, истакна германскиот вирусолог.