Во Русија, четири области соопштија дека ќе го продолжат еднонеделното затворање на компаниите што е во сила низ целата земја од 30 октомври за да одговорат на порастот на инфекциите и рекордниот број смртни случаи од коронавирус.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди затворање кон крајот на октомври и им даде можност на регионалните власти да го продолжат. Властите во регионите Курск и Брјанск кои се граничат со Украина, регионот Чељабинск во близина на Урал и сибирски Томск најавија дека ќе го продолжат затворањето.

– Напнатата епидемиолошка ситуација не принудува да го продолжиме периодот на неработни денови за уште една недела. Една неработна недела не е доволна за да се запре бранот на зарази, изјави гувернерот на Томск, Сергеј Звачкин.

Русија вчера потврди рекордни 1.189 смртни случаи од коронавирус за еден ден, а владиниот штаб за коронавирус објави 40.443 нови инфекции во изминатите 24 часа. Во меѓувреме, московските власти најавија дека компаниите ќе се отворат во понеделник. Московскиот регион, кој вклучува помали градови и места околу градот, најави дека нема да го продолжи „локдаунот“. Регионот Новгородск во понеделникот објави дека ќе го продолжи заклучувањето за уште една недела

Во меѓувреме, повеќе од илјада Украинци блокираа неколку улици во центарот на Киев, протестирајќи против сертификатите за вакцинација и рестриктивните мерки против коронавирусот. Демонстрантите, претежно жени и помлади, немаа маски и носеа пароли на кои пишуваше „Не за ковид пасоши“.

Тие се собраа пред зградата на Собранието во знак на протест против одлуката наставниците, владините функционери и другите работници да мора да бидат целосно вакцинирани до 8 ноември или ќе останат без плата.

Исто така, патниците во воздушниот, железничкиот и меѓуградскиот сообраќај мора да покажат задолжителен доказ за вакцинација или негативен тест за ковид. Мерките се воведени поради рекордниот број новозаразени и смртни случаи што Украина ги регистрира последните денови.

Украинците имаат на располагање три вакцини – „Модерна“, „Астра Зенека“ и „Синовак“, но само 17,1 отсто од 41 милион жители се вакцинирани.