Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах предупреди на опасноста од зголемување на случаите со Ковид-19 во текот на зимата и ги критикуваше намерите на четири сојузни држави да ги олеснат правилата за карантин за заразените.
– Тогаш ќе се соочиме со уште потежок бран отколку што се плашевме, ние сме и во пресрет на појавата на позаразна варијанта на коронавирусот, рече Лаутербах.
Тој додаде дека федералната влада не ги одобрува активностите преземени од регионалните власти во покраините Баварија, Баден-Виртемберг, Хесен и Шлезвиг-Холштајн.
Претходно денеска, тие провинции, дом на речиси половина од населението во Германија, објавија во заедничка изјава дека имаат намера да престанат со спроведувањето на националниот петдневен карантин. Тоа значи дека секој што е позитивен на коронавирусот, но се чувствува добро, ќе може да го напушти својот дом, но под услов да носи маска. Во Баварија, промената ќе стапи на сила следната среда.