Во Градската општа болница „8 Септември“ веќе две години деноноќно се лекуваат пациенти со Ковид-19. Ова беше повод за денешната посета на министерот Беким Сали на оваа установа, која веќе две години, функционира како ковид-центар, објави на својата фејсбук страница Министерството за здравство.
– Од оваа перспектива, може да се каже дека ГОБ „8 Септември“ изминатиот период се соочи со исклучително голем предизвик на кој успешно одговори и со полн капацитет, имајќи предвид дека установата е комплетно опремена и подготвена за вршење целосен дијагностички и терапевтски третман, со најсовремена медицинска опрема и обучен стручен кадар. Во континуитет се зајакнува капацитетот на установата, така на пример, од социо-економскиот грант од Амбасадата на Јапонија во вкупна вредност од 813 илјади евра е обезбедена нова медицинска опрема за пост ковид третман на пациенти, а до крајот на годината ќе следи и дополнително зајакнување во овој сегмент, рече министерот Сали.
На средбата директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов информираше дека годинава се извршени 36.000 прегледи во трите инфективни амбуланти и во тријажниот центар на пациенти позитивни на Ковид-19 или суспектни на вирусот.
– Во изминатите месеци во болницата биле хоспитализирани 7 000 ковид позитивни пациенти. Во рамки на третманот и лекувањето на овие пациенти се извршени 17.600 биохемиски анализи и 21.100 крвни анализи на трансфузиологија (хемостаза со Д Димери), информираат од Министерството за здравство.