Кога станува збор за здравјето на кожата, најчесто наидуваме на написи кои зборуваат за тоа како козметичките препарати делуваат на неа и колку од помош може да ви бидат некои трикови кои може да ги употребувате за да ја разубавите истата.
Она што поретко се спомнува, а е поважно кога станува збор за здравјето и изгледот на кожата, е она што го внесуваме одвнатре. Исхраната која ја консумираме игрa огромна улога и заедно со генетиката, е одлучувачки фактор за тоа каква ќе биде нашата кожа.
Многу често проблемите кои се појавуваат на кожата, како и акните – една од почестите појави кај помладите генерации, се резултат на неизбалансиран хормонски статус или нетолерантност на некои видови храна. Хормоните во нашето тело, покрај оние препарати кои ги добиваме од фармацевтската индустрија за регулирање на истите, се регулираат и со правилна исхрана исто така и интолеранција на одредени намирници. Во прилог ќе наброиме неколку извори кои се главни виновници за проблеми со кожата:
– Консумирање на шеќери
– Консумирање на млечни продукти
– Консумирање на продукти кои содржат глутен
– Отсуство на консумирање на продукти богати со протеини, особено колаген
– Пушење
– Честа консумација на алкохол
– Недоволен внес на витамини и минерали
Во зависност од организмот, што од горенаведеното треба да отстраните и времетраењето до подобрување на кожата варира. Сепак, првите знаци на подобрување се забележуваат уште во првиот месец на ова „откажување“ од она што може да ви предизвикува проблеми.
1. Намалете или отстранете ги белиот леб, чоколадите (и се што е слатко со рафинирани шеќери), разни сосови како додатоци во исхраната, внимавајте со консумацијата и на храна која содржи и природни шеќери: пченка, ориз, компир, мешунки и овошје. Доколку не можете да се откажете од лебот, можете да консумирате протеински леб кој е со намалено ниво на шеќери.
2. Потрудете се да не јадете млечни производи бар две недели, да видите како ќе се одрази тоа на кожата. Млечните производи се многу често причина за појава на акни.
3. Протеинот е многу потребен за организмот да биде здрав. Во овој контекст ќе ставиме акцент на колагенот, бидејќи тој игра клучна улога за здравјето на нашата кожа – нејзината еластичност, мекост, свежина доаѓа од колагенот. Помладите организми продуцираат поголемо количество на колаген, а како годините одминуваат така се намалува и производството на колаген. Продукти кои содржат колаген и тоа како му се добредојдени на вашето тело.
4. За цигарите и не мора да кажеме нешто посебно, бидејќи сите знаеме дека се штетни од секој аспект. Алкохолот, во зависност, често е и добар за организмот кога се консумира во умерени количини. На пример, црвеното вино е здраво доколку не се претерува секако. Коктелите пак од друга страна се полни со шеќери и не се препорачливи во поголеми количини.
5. Витамините и минералите не само за кожата туку се потребни за целиот организам! Многу состојби за кои луѓето нажалост и не се свесни доаѓаат од недостаток на витамини и минерали во телото, па така и кожата често знае да ни биде показател дека имаме недостаток.