По низата скандали што го потресоа министерството за здравство, дали на повидок е нов скандал. Имено пациентите со хемофилија за малку можеа да останат без неопходната терапија бидејќи самото министерство повторно го пролонгирал тендерот за фактори за коагулација. Според неофицијални информации на некои медиуми, станува збор за набавка на неопходни лекови во период од една година во висина од речиси 170 милиони денари, односно 2,7 милиони евра.

Водејќи се по електронскиот систем за јавни набавки објавениот тендер требало да биде отворен на ден 29.10.2018 година, но истиот е пролонгиран, поради докомплетирање на документите за утврдување на способноста и исполнување на техничките услови. Со цел да се набават неопходните лекарства за тешките болни, министерството, потпишало договор со една веледрогерија, за да може факторите за коагулација да почнат да се дистрибуираат.

Што се случува со тендерот, зошто е пролонгиран, дали некогаш се случило на барање на економски оператор да биде пролонгиран рокот?

„Тендерот за набавка на фактори за коагулација, број на оглас 22/2018, (понеделник) беше отворен во 12 часот. Комисија од министерството и стручна комисија работат на евалуација на пристигнатите понуди“, се вели во писмениот одговор од министерството. Неофицијално во меѓувреме е распишан повик за непосредна спогодба без објава на тендер за набавка на фактори за коагулација во четири очи.

По објавувањето на аферата за тендерот со биохемиски анализи, се отвора прашањето дали повторно се мести тендер, овој пат за набавка на фактори за коагулација, а сето тоа се крши преку грбот на пациентите  со хемофилија?

Инаку јавниот повик за доделување договор за јавна набавка бил објавен на 14 септември годинава. Болните од хемофилија А и Б во изминатиов период изразуваа стравување дека ќе се соочат со уште поголема криза бидејќи во земјава нередовно се врши снабдување со терапијата што им е неопходна, како што се факторот за коагулација на крвта. Од  Здружението на хемофиличари во неколку наврати предупредуваа јавно дека се доцни распишувањето на тендерот од страна на министерството и дека со тоа се доведува во опасност животот на овие пациенти. Според Центарот за хемофилија, во Македонија има над триста граѓани болни од хемофилија А и Б.